Тајна средба на македонско-бугарската историска комисија во Софија, напредок нема

Во Софија деновиве се одржа нова работна средба на членовите на мешовитата  македонско-бугарска историска комисија.
Првпат по основањето на оваа комисија во 2017 година и македонската и бугарската јавност немаат информации што се случило. По средбата досега секогаш имаше или соопштенија за јавноста или изјави на претседателите на комисијата или информации од министерствата за надворешни работи на двете земји. Но, овојпат тоа изостана.

Во Бугарија ова се толкува како резултат на изборот на новата бугарска влада на 6 јуни и новите препораки од бугарското Министерство за надворешни работи за воздржаност од коментари и соопштенија поврзани со работата на комисијата за историски и образовни прашања. Се претпоставува дека оваа препорака била испратена и до македонснкото Министерство за надворешни работи, кое очиглено ја прифатило.

Уште од самиот почеток работата на оваа мешана експертска комисија за историски и образовни прашања беше проследена со бројни контроверзи и незадоволства од сработеното од обете страни. Дел од заедничките препораки на оваа комисија само уште повеќе ги вжешти ионака лошите македонско-бугарски односи. Во дел од францускиот предлог за почетокот на пристапните преговори на Македонија со ЕУ се внесени и резултатите од работата на оваа комисија. Ова значи дека без одлуките на комисијата нема да може да се постигне напредок во преговорите.

Досега оваа комисија ги усогласи препораките за заедничко одбележување на Св. Кирил и Методиј, Св. Наум Охридски, Св. Климент Охридски и цар Самоил, како и пет препораки за учебниците по историја за петти клас во Бугарија и за шесто одделение во Македонија што се однесуваат на периодот на антиката.

Се усогласуваат отворените прашања за Охридската архиепископија, за Гоце Делчев, за Илинденското востание.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот