„Свиња“ е еден од најоригиналните филмови за оваа година: Кој ја украде свињата на Николас Кејџ?

Фото: Принтскрин / Youtube

Филмот е одлично потсетување на фактот дека квалитетниот материјал најчесто успешно го извлекува потенцијалот од добриот актер. Затоа и не е зачудувачки што филмските критичари го оценуваат ова враќање на Кејџ на филмскиот сет како едно од најдобрите во неговата кариера.

Американската трилер-драма „Свиња“  е неверојатно режисерско деби на младиот режисер и филмски монтажер Мајкл Сарноски, чија лимитирана премиера во САД се случи на 16 јули годинава. Снимен според сценарио на Мајкл Сарноски и Ванеса Блок, а во продукција на „АИ Филмс“, „Свиња“ е можеби најуникатниот и изненадувачки филмски продукт за 2021 година, каде главните улоги ги толкуваат Николас Кејџ, Алекс Волф и Адам Аркин.


Филмската публика честопати има поларизирани ставови во врска со Николас Кејџ, но овој филм претставува фантастична платформа на која талентот на Кејџ блеснува со сиот свој интензитет. „Свиња“ е одлично потсетување на фактот дека квалитетниот материјал најчесто успешно го извлекува потенцијалот од добриот актер. Затоа и не е зачудувачки што филмските критичари го оценуваат ова враќање на Кејџ на филмскиот сет како едно од најдобрите во неговата кариера.

„Свиња“ е многу повеќе од филм за прасе што носи пари и одмазда

„Свиња“ е приказна за Роб, трагач по тартуфи кој живее во трошна колиба во длабочината на шумите во Орегон заедно со неговата свиња. Роб е неверојатно приврзан за својата свиња која му помага во потрагата – тој буквално јаде и спие со неа. Тој речиси и да нема никаков контакт со цивилизираниот свет, освен повремената соработка со младиот Амир, на кого му ги продава пронајдените тартуфи.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Thomas Walker (@tommypocket)

Но, една ноќ, колибата на Роб е разбиена од непозната група на луѓе. Роб ќе остане претепан, а неговата свиња ќе биде украдена. Земајќи ја предвид огромната вредност на тартуфот, веднаш се претпоставува која е причината за кражбата. Роб никако не се помирува со загубата, наместо тоа, тој веднаш тргнува да ја бара со надеж дека ќе ја врати назад.

Знаејќи ги овие детали за премисата на филмот, разбирливо е зошто многумина очекуваа акционен трилер во стилот на „Џон Вик“. Но, филмот изненадува со тоа што е речиси дојаметрално спротивен на тоа. Оваа бавна, емотивна и мистериозна драма комплетно се спротиставува на идејата за одмазда. Како што постепениот развој на дејстото го голта нашето внимание и ја разгорува нашата желба да дознаеме што е можно повеќе за ликовите, така согледуваме дека „Свиња“ е всушност филм за загуба, тага, љубов и прошка.

Една од најдобрите карактеристики на филмот е бавното темпо

„Свиња“ стратешки отвора прозорец по прозорец кон приказната на Роб пред да ја прикаже целосната слика за тоа како неговото минато ја гради неговата сегашност.

Уште од самиот почеток, публиката добива многу малку информации за главниот лик, но многу бргу станува јасно дека Роб не е само случаен бездомник. Овој човек покажува огромен талент и софистицираност во неговата мала, неуредна кујна, а тоа е веќе одличен пример за добра јамка.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Midtown Cinema (@midtowncinema)


На публиката ѝ е потребно време да сфати кој всушност е Роб; колку висока била неговата репутација во кулинарскиот свет на Портланд; како смртта на неговата сопруга го отуѓува од животот во градот, и на кој начин неговата приказна се преплетува со приказната на Амир и неговото семејство. Но, тоа време е исполнето со прекрасна сценографија и кинематографија, како и одличен минималистички дијалог, а крајното сознание е вистинска награда.

Кејџ и Волф се вистински бисери

Николас Кејџ е неверојатен како Роб и ова е несомнено една од најдлабоките изведби во неговата богата кариера. Ликот на Роб привлекува внимание со својата висина, валкана облека, закоравена под слоеви крв и земја, и неговите валкани и неуредни коса и брада. Но Роб има нетипично мек глас и зборува со мирен тон, а неговата тага и самотија се отсликуваат на неговото лице.

Една од неговите најдобри сцени во филмот е онаа со шефот Дерик, поранешен готвач на тестенини во ресторанот на Роб. Имајќи ја вистината на своја страна, Роб почнува емпатично да го критикува Дерик кој отворил современ ресторан, наместо пабот за кој што сонувал во младоста и со поглед „го сече на делови“. Иако Роб воопшто не се служи со погрдни зборови, ниту агресивни движења, тој сепак успева да ги извлече потребните информации и дознава дека богатиот татко на Амир, Дариус, стоел зад кражбата на неговата свиња.


Талентираниот Алекс Волф е еднакво одличен во својата улога Амир – млад човек кој живее во сенката на својот татко кој работи во истата индустрија и чија приказна е многу подлабока отколку што изгледа. Навидум бесчувствителен и жеден за пари и слава, Амир е всушност човек кој константно размислува и е во потрага по својата храброст. Тој презема огромни ризици, внимателен е и искрено се грижи за Роб. Во еден момент, тој ја раскажува приказната за неговите родители, со што станува јасно како Роб и семејството на Амир се поврзани, а наедно и отвара прашања во врска со неговата мајка.

„Свиња“ е уникатен филм од неколку аспекти

Покрај одличната актерска екипа и ефективно емотивниот портрет на овие ликови, „Свиња“ е прекрасно снимен филм со мека палета на земјени тонови што го илустрира чувството на живот во дивина, а директорот на фотографија точно знае како да игра со сенките.

Филмот е проткаен со многу тишина, а прекрасната музика на Алексис Грапсас и Филип Клајн отвара можност трпеливо да набљудуваме како осаменоста и тагата ја кршат човечката душа.

„Свиња“ е симболично поделен на 3 дела, како мени во ресторан, каде секој дел нуди посебен „вкус“ и открива ново поглавје од приказната на Роб. Овој филм претставува целосно оригинално и возбудливо уметничко дело кое не треба да се пропушти.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот