Стоматолог Илија Караманов: Најчеста дилема – големи пломби или поединечни коронки?

Фото: Приватна архива/Профимедиа

Една од најчесто поставуваните дилеми во стоматолошката пракса е дали при поголеми деструкции на забите, санирањето треба да оди во правец на големи реконструкции со пломби или да се пристапи кон изработка на поединечна порцеланска коронка.

Сѐ започнува повторно со лошата или дефицитарна хигиена на усната празнина и нередовните контроли кај стоматолог. Појавата на кариес и неговото проширување на ниво на еден заб, појава на секундарен кариес на рабовите на пломбите, појавата на големи деминарализирани зони во вратната регија на забите кои потоа преоѓаат во дифузни кариозни површини, зафаќањето на нервот на забот и неговото умртвување, ја забрзуваат деструкцијата на природната коронка на забот до тоа ниво што веќе самата реконструкција со пломба се доведува во прашање. Имено, масивни пломби многу тешко можат да го надоместат изгубениот природен волумен на забот. Таквите пломби најчесто имаат некоја закосена површина, не можат да обезбедат соодветни контактни точки со соседните заби, поради што како последица доаѓа до собирање на храна меѓу двата заба, што, пак, од своја страна, предизвикува воспаление на латералното периодонтално ткиво и појава на џебови. Исто така, таквите масивни пломби не обезбедуваат правилен контакт со забот или забите од спротивната вилица, и тој заб всушност не учествува во џвакањето на храната. По подолго време настанува и промена на положбата на истиот заб, како и на соседните заби и забите од таа регија во спротивната вилица.

Кај девитализираните (мртвите) заби, состојбите со големи деструкции стануваат уште посложени, ако го имаме предвид фактот дека мртвите заби имаат многу лесно кршливи ѕидови. Кај нив најчесто се случуваат поткршувања на ѕидовите на забите, а пломбата останува интактна. Една од најлошите варијанти кај мртвите заби е кршење на цел еден ѕид од забот, каде што фрактурната линија е длабоко под нивото на ивицата на гингивата, кога дури реконструкцијата од каков било вид станува невозможна и единствено решение е вадење на забот.

Ако го земеме предвид времето потрошено за често санирање на еден таков заб, парите потрошени за истиот, непријатностите доживеани во меѓувреме, и посебно фактот дека еден ден, сепак, ќе треба да се направи порцеланска коронка, најмудрата одлука треба да се донесе навреме, без да дозволиме да се појавуваат компликациите што ги опишавме погоре. Добро направената коронка ги обезбедува сите функционални и естетски карактеристики на природниот заб и по неколку денови или најдоцна по една до две недели, ја прифаќаме како составен дел од нашата уста.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот