Стоев: Состојбата во Западен Балкан е вознемирувачка

Македонија Албанија ЕУ Западен Балкан
Знамињата на Северна Македонија, Албанија и ЕУ / Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Бугарскиот министер за надворешни работи Светлан Стоев денеска учествуваше на редовниот состанок на Советот за надворешни работи во Брисел, соопшти прес-центарот на бугарското МНР.

Меѓу главните теми на агендата на состанокот беа ситуацијата во Западен Балкан, Белорусија, регионот Сахел, конфликтот во Етиопија, ситуацијата во Судан, непочитувањето на меѓународното право во Вароша.

– Ситуацијата во регионот на Западен Балкан е загрижувачка. Во последните месеци видовме зголемени тензии во Босна и Херцеговина, меѓу Косово и Србија и има политичка нестабилност во Република Северна Македонија, рече шефот на бугарската дипломатија… „ЕУ мора да ги искористи сите достапни алатки за поддршка на домашниот политички дијалог во Босна и Херцеговина и правилното функционирање на институциите“, додаде тој.

„Акцентот беше ставен и на дијалогот Белград-Приштина и внатрешнополитичката ситуација во Република Северна Македонија”, кажа бугарскиот министер за надворешни работи.

Министерот Стоев се осврна на неодамнешниот придонес на Бугарија, што содржи предлози за зајакнување на соработката со Западен Балкан во различни области од заемен интерес, вклучително и безбедноста, хибридните закани, стратешката комуникација, илегалната миграција и други.

– Европската интеграција е двонасочна улица која бара посветеност не само од ЕУ, туку и од земјите партнери. Тие мора да се придржуваат до европските вредности, вклучително добрососедските односи и почитувањето на човековите права, рече бугарскиот прв дипломат.

„Советот расправаше за ситуацијата во Белорусија и едногласно ги осуди дејствијата на режимот во Минск и хибридните акции против Полска, Литванија и Латвија”, се наведува во соопштението.

Постои политички договор за усвојување нов пакет санкции против режимот во Минск и учесниците во акциите поврзани со актуелната ескалација на илегалната миграција, додаваат од МНР.

– Сегашната ескалација на тензиите на границите на Полска, Литванија и Летонија со Белорусија е апсолутно неприфатлива. Границата на овие земји е исто така европска граница. Бугарија ја потврдува својата целосна солидарност со нашите пријатели во овој тежок момент. Однесувањето на Белорусија бара јасен, цврст и општ одговор, што треба да вклучи нова рунда санкции против режимот во Минск, нагласи министерот Светлан Стоев.

Министрите разговараа за ситуацијата во регионот Сахел, што останува исклучително сложен и нестабилен. Тие се согласија за потребата од спроведување на различни инструменти за политичка стабилизација, безбедност и економско закрепнување во регионот. Се разговараше и за конфликтите во Етиопија и Судан.

Извор: МИА

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот