Стихозбирката „Куфер“ на Ерол Туфан има директна врска со душата

Неодамна, во издание на „ПНВ Публикации“, од печат излезе стихозбирката „Куфер“ од Ерол Туфан, поет што е роден во Гостивар, а живее и работи во Истанбул. Збирката содржи триесетина песни, а збогатена е и со илустрации од Владимир Мартиновски.

Во книгата се објавени и два пригодни поговора од проф. д-р Лидија Капушевска-Дракулевска и од Силвана Димитриевска. Поетот Славе Ѓорѓо Димоски, пак, ја открива зрелоста на стиховите на Туфан.

– Една од најважните карактеристики на творечкиот метод на Туфан во книгата „Куфер“ е способноста да го совлада поетскиот простор. Познато е дека, според мистичните својства на јазикот, секоја песна што сè уште не е напишана веќе има одредено поетско време. Читајќи ги стиховите „Вчера го ставив сонцето в куфер, / стокмено, стегнато, да не се угаси по пат“, имаш чувство дека целото негово животно и творечко искуство е концентрирано во уметноста со желба на читателот, без никакви двосмислености, да му го пренесе најважното со најсилен емотивен интензитет. Гласот на силна чувствителност се провлекува низ целата книга; таа е исполнета со силни и впечатливи слики кои вешто се прелеваат во смирена лирска рефлексивност настаната во највисокиот стадиум на уметничката зрелост на Ерол Туфан. Ова го потврдуваат стиховите: „Исправи се како планина / и зачекори кон небото.“ Длабоко чувство за вкус и стил – напиша Славе Ѓорѓо Димоски.

На прашањето што за него значи/означува „Куфер“, и како наслов на книгата и како симболиката што ја носи предметот, авторот Ерол Туфан недвосмислено ни одговори.

– Куферот е симбол што за мене има неколку значења: како номад што оди и се враќа, постојано е во некакво движење на рабовите меѓу двата континента Европа и Азија куферот е неодминлив реквизит каде што ги носам личните предмети кои се нужни при овие патувања со разни средства – автобуси, возови, автомобили, бродови, минибуси, авиони преку граници и царини. Куферот овде е материјализација на човековата зависност од предметите, односно од средствата што му се неопходни за заштита и одржување на телото. Второ, куферот е внатрешен статичен дел на моето јас, кој постои длабоко закопан во мене каде што во разноразни прегради сум сместил многу „имажи“ од доживеаното (љубови, болки, трауми, таги, радости, состојби на моќ и немоќ, падови и растежи, струполувања и започнувања од нула, неуспеси и успеси, сјај и беда, глад и презаситеност итн.) во својот досегашен живот, тоа што се нарекува куфер-меморија, кој ми е својствен само мене лично – тој куфер има директна врска со душата. И плус, условно речено, третиот куфер е директно врзан со мојот дух – тоа се пасажи од прочитани страници, секвенци и реплики од филмови, т.н. состојби на тензии и катарзи од театарски претстави, соодноси на портрети од сликари и вајари кои ми кажуваат што е убаво, како и волшебни оддели од одредени музички нумери кои ми ѕунат во ушиве. И нормално, зборови, зборови и саде зборови од неколку јазици, кои се сместени во внатрешниот Е.Т. – кој и самиот е некаков си подвижен куфер од кој сам ги вади и ги употребува тие зборови во создавање на одредена песни или есеј – ни одговори Туфан.

Неговата нова стихозбирка „Куфер“ ќе биде промовирана на 11 април на платото пред Младинскиот културен центар во Скопје.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 122, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 26-27 март 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот