Стано смета дека Хамас само му наштетува на палестинскиот народ и на неговата кауза

Урнатини во Тел Авив по ракетниот напад на Хамас - Фотографија ЕПА, Абир Султан

Министрите за надворешни работи на земјите членки на ЕУ утре ќе одржат вонреден неформален состанок посветен на последиците од најновиот развој на настаните на Блискиот Исток, соопшти денеска портпаролот на Европската комисија за надворешни работи и безбедносна политика Петер Стано.

Состанокот ќе се одржи во мешан формат, при што дел од шефовите на дипломатиите на ЕУ ќе учествуваат во живо на заседанието во оманскиот главен град Мускат, каде ќе учествуваат на Советот за соработка меѓу Европската Унија и Советот за соработка во Персискиот Залив (ГЦЦ), а останатите ќе се приклучат онлајн.

Стано истакна дека ЕУ го признава правото на Израел на самоодбрана при сегашниот напад од страна на Хамас, но дека при тоа мора да го почитува меѓународното право. Тој го повика исламистичкото движење Хамас да ја прекине агресијата и да ги ослободи киднапираните израелски граѓани, со што би започнало придвижување кон одржливо решение за смирување на тензиите на теренот.

– Сакаме Израел и Палестинците да живеат во мир, едни покрај други и да не бидеме сведоци на вакви драматични настани на какви што сме сведоци од саботата, истакна Стано.

Според него, со она што во моментов го прави Хамас, само му наштетува на палестинскиот народ и на неговата кауза.

– Секој загубен живот претставува трагедија и е причина за загриженост. ЕУ уште пред настаните во саботата кажа дека раст на ескалацијата и тензиите, само ќе доведат до поголемо насилство и ескалација. Настаните од саботата укажуваат дека движење напред е можно само со мир и мировни преговори, додаде Стано.

Тој нагласи дека ако двете страни не смогнат сили да започнат дијалог, тоа само ќе резултира со поголемо насилство.

– Од денешна перспектива можеби изгледа многу тешко да се започне дијалог, но ЕУ верува дека дијалогот и преговорите се единствен начин за изнаоѓање одржливо решение, истакна Стано, додавајќи дека Унијата презема активности со партнерите од меѓународната заедница и од регионот за ставање крај на насилствата меѓу Израел и Хамас, бидејќи дел од нив имаат влијание врз движењето.

Тој додаде дека Унијата во моментов не сака да посочува виновници кои можеби стојат зад нападот на Хамас, нагласувајќи дека во моментов е најважно да прекине насилството.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот