
Станарите треба да имаат план за евакуација од зградите, но и опрема против пожари
Со години наназад граѓаните укажуваат дека во зградите, особено во постарите, нема ништо од потребната опрема за гаснење пожар, во зградите што имаат противпожарни скали тие се главно непроодни и узурпирани, а терасите за евакуација се затворени со прегради или надградби.
Колку се зградите во Скопје опремени со хидранти, противпожарни апарати, излези за евакуација, но и со планови за евакуација во случај на пожар, треба да покажат контролите и инспекциите што ги најавија општините по трагедијата што се случи во Кочани.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Со години наназад граѓаните укажуваат дека во зградите, особено во постарите, нема ништо од потребната опрема за гаснење пожар. Притоа, во зградите што имаат противпожарни скали, тие се главно непроодни и узурпирани, па дури и преградени од станарите што си ги користат за свои потреби. Рамните покриви, пак, на старите згради преку кои жителите треба да се евакуираат од еден во друг влез при пожар, во повеќето објекти се преградени или на нив, со дозвола од општините, се доградени станови на еден или два ката.
Ретко кој мисли што би се случило доколку избувне пожар, но она што се случи во Кочани конечно ги загрижи сите, иако е повеќе од јасно дека некои состојби сега веќе не можат да се поправат, на пример, со надградените станови над старите згради. Сепак, со акцијата на инспекторите, ако не повеќе барем ќе се поттикнат сопствениците на становите во зградите малку посериозно да размислат за сопствената безбедност и за безбедноста на нивните соседи во објектите каде што живеат. Можеби ќе се „разбудат“ и управителите за да се позанимаваат со работите за кои, меѓу другото, на месечно ниво земаат надоместок од жителите на зградите со кои управуваат.

Од Општина Центар потврдуваат дека ќе спроведат контроли на станбените објекти и потсетуваат дека управителите имаат обврска да се грижат за безбедноста на објектите, што вклучува функционална противпожарна заштита, одржување исправна електрична инсталација и обезбедување непречен пристап до становите.
Во таа насока, договорен е состанок помеѓу инспекциските служби на општината и управителите на станбените згради, на кој управителите ќе бидат задолжени да достават информации за тоа како ги спроведуваат своите обврски во овој дел. Дополнително, ќе се одржи состанок со Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), која е надлежна за надзор и обезбедување на функционална хидрантска мрежа, како и за идентификување ризици, какви што се оштетени или украдени хидранти – велат од Центар.
Општина Аеродром во соработка со куќните совети и со управителите на станбените објекти, инспекциите ги започна во понеделникот, откако претходно, како што информираа оттаму, е изготвен план за контрола на хидрантските мрежи, за пристапите, како и за излезите од објектите за колективно домување.

Согласно Законот за домување и Правилникот за нормите и стандардите за домување во станбените згради, Општина Гази Баба прати писмено известување до управителите и до претседателите на Заедница на сопственици на станбени згради дека е потребно да преземат повеќе активности за заштита од пожари.
Според известувањето, на видно место во влезот во ходникот на приземјето на станбената зграда треба да се истакне упатство за постапување во случај на природни или други несреќи, односно да има план за евакуација. Потоа, потребно е да се изврши набавка и проверка на заедничките инсталации и уреди во станбената зграда (ППЗ-апарати, хидранти, лифтови и др.) и доколку се утврди дека не се во функција, да се заменат. Покрај тоа треба да се изврши проверка во заедничките делови на станбената зграда, дали се чуваат предмети или материјали што можат да предизвикаат зараза, пожар или друга несреќа и доколку се чуваат, да се пристапи кон нивно отстранување.
Апелираме за исполнување на законските норми од страна на сите, бидејќи толеранција нема да има за никој! Каде што ќе се утврди неисполнување на законските норми, ќе следува санкција од надлежна институција. Општина Гази Баба во согласност со своите надлежности, ќе направи сè што е потребно за зачувување на безбедноста на граѓаните – велат од Гази Баба.
Дали во зградата постои хидрантска мрежа и дали е исправна, дали хидрантите поседуваат црева за вода, дали има противпожарни апарати и дали се исправни, дали и колку станари во своите домови имаат противпожарни апарати и колку станари во зградата знаат да ракуваат со противпожарни апарати. Ова се прашањата на кои треба да одговорат сите заедници на сопственици и управители на згради на територијата на општина Карпош.

Покрај проверката на хидрантската мрежа, секој станар или претседател на заедница на сопственици е задолжен доколку забележи дека излезот од внатрешната или од надворешната страна до противпожарните скали, во оние згради каде што има вакви скали, е блокиран со каква било препрека или мебел или, пак, е узурпиран со врата или градба, да го пријави тоа до општинскиот инспектор за домување, за да се пристапи кон расчистување на излезните врати кон противпожарните скали.
Доколку некаде не се почитуваат насоките и не се постапи по задолжувањето, ќе биде известена Инспекцијата во Дирекцијата за заштита и спасување од каде што субјектите ќе добијат соодветна казна, а за дел од нив за кои Инспекторот има надлежност да ја продолжи постапката, ќе се довршат постапките во Општина Карпош – тврдат од Општината.
Од другите скопски општини до овој миг нема информации дали и кај нив ќе се контролираат станбените згради. Но, затоа во сите веќе се направени или се при крај инспекциите во градинките и во училиштата.