ССМ бара одговорност од Врховен суд доколку е точно дека донел пресуда за одземање на Работничкиот дом

Слободан Трендафилов - ССМ / Фото: ''Слободен печат'' - Драган Митрески

Претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија Слободан Трендафилов денеска соопшти дека според информациите со кои располагаат, Врховниот суд донел пресуда со која се одзема објектот на ССМ.

Добивме неофицијални информации за кои не сакаме да веруваме дека се такви. Врховен суд донел некаква пресуда со која се одзема Работничкиот дом, граден од средства на работниците во 1958 година. Врз основа на целокупната документација, со која располагаме ние, инвестирани се средства од 430 милиони тогашни динари, или повеќе од осум милиони долари во денешна вредност. Имот кој е граден врз основа на договор за градба, одобрение за градба, инвестициска програма, обезбедени финансиски средства од членарина, од пари на работници. Врховниот суд денеска, имајќи предвид дека е највисоката инстанца во државата, која со таквата одлука не може да биде оспорувана во домашното право и законодавство, само надвор, донел пресуда со која ги поништува сите постапки од 1992 година од тогашните влади – изјави Трендафилов на прес-конференција.

Тој рече дека ќе сторат се да не се одземе објектот на ССМ и дека ќе побараат оставка од претседателот на Врховниот суд, а од Советот на судии, кој броел пет члена, доколку донел ваква одлука, ќе биде повикан на одговорност.

– Повеќе од 15 судски пресуди, шест само во последниот случај во 2005 година до денес, повеќе од 15 решенија на управни институции и органи, преиначува, поништува и кажува дека поради претпоставка дека синдикатите во тој систем не можат да располагаат со толкави средства. Поради претпоставка дека одлука е повисока од Уставот на државата и во тој систем денеска, повисока и од законите и поради тоа што денешните судии кои претседавале со Советот во Врховниот суд кои тогаш не биле родени или биле во пелени, одлучуваат на каков начин одлучувале тогашните органи. Работниот дом го преживеа катастрофалниот земјотрес од 1963 година и ќе го преживее потресот од Врховниот суд, а дали Врховниот суд ќе го преживее гневот на работниците, ќе видиме – додаде претседателот на ССМ.

Трендафилов заклучи дека симтопматично е тоа што претседателот на Врховниот суд бил вклучен во постапката од 2005 година додека извршувал функција заменик-јавен правобранител и сакал да го земе Работничкиот дом, за денеска кога е на оваа функција да се преиначат сите постапки во кои тој бил неуспешен и на таков начин да ја одземе зградата.

– Советот, што брои пет судии, за кои чекаме официјална потврда ќе биде повикан на одговорност, ССМ побара оставка од сите. Жално е што денес во Македонија на работниците им се случува истото што им се случувало на колегите во 1933 година во фашистичка и нацистичка Германија – изјави тој.

Како што појасни Трендафилов Домот на работници од кога почнал да се гради во 1958 година е во сопственост само на ССМ и на никој друг. Од 1992 година се правеле разни обиди да се грабне овој објект, во интерес на елити, но, тој додава дека сите документи и аргументи што ги има Синдикатот се многу посилни од овие одлуки.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот