Средба со уметникот Тони Шулајковски за изложбата „Повисоко од себеси“: Суштината е во прикажувањето на емоциите

Тони Шулајковски, академски сликар и ликовен педагог

Изложбата на 25 портрети на женски личности со наслов „Повисоко од себеси“ на академскиот сликар и ликовен педагог Тони Шулајковски предизвика силен интерес кај ликовната јавност.

Салонот „Империјал 2“ при Културно-информативниот центар во Скопје зрачи со колоритност и убавина. До 5 ноември таму е поставена изложбата „Повисоко од себеси“, на која се претставени 25 дела – портрети на жени. Автор на изложбата е академскиот сликар и ликовен педагог Тони Шулајковски, кој ни открива и неколку тајни на сликањето портрет на одредена личност.

Зошто се одлучивте поставката да има само портрети на жени?

– Портретот е само формата на изразување. Суштината е во прикажувањето на емоциите. Самиот збор емоција, во македонскиот јазик, е именка од женски род, па можеби, несвесно сум одбрал да ги прикажам емоциите преку женски ликови токму поради тоа. Жената подобро и повеќе ги искажува своите емоции и чувства отколку ние мажите, а јас сакав да ја прикажам не само надворешната, туку и внатрешната убавина на жената. Не само површински да ја набљудувам, туку да откривам што се случува во длабочините на нејзиното внатрешно битие. Експресијата на женската емоција, за мене, е повпечатлива. Сликајќи ги портретите постојано бев во комуникација со себеси, отстапувајќи им простор на емоциите поврзани за одредени настани и постапки да излезат на виделина.

„Повисоко од себеси“, акрилик на платно

Како да го толкуваме насловот „Повисоко од себеси“?

– Идејата за концептот на изложбата се појави пред четири години, но иако концептот е од пред четири години истражувањето трае цели дваесет и шест години, колку што сум во врска со Дијана Петкова. Преку неа учам за жената, но учам и како да се поврзам со оној понежен дел во себе кому не му дозволувам да се изрази, а не сакам да го задушам. Растев во семејство со уште двајца браќа и кај нас машката страна беше поизразена, така што, понежниот дел од личноста беше запоставен сè до моментот кога ја запознав Дијана. Преку неа осознавам за жената, а насловот произлезе од самиот творечко-истражувачки процес.

Набљудувајќи ги жените од фотографиите што ги одбирав да ги сликам, не се фокусирав на ликот на жената, туку на емоцијата што ја покажува. Сликајќи ги портретите на жени ги доловував не само нивните, туку и моите доживеани емоции во однос на личностите што ме опкружуваат. Искусив дека треба да ја сменам перспективата, па ја проширам свесноста и да почнам отворено да зборувам за сопствените емоции, барем во кругот на семејството.

Нуркајќи во својот внатрешен свет ми се потврди сознанието дека главниот двигател за таквите промени е љубовта. А љубовта, пак, ги почитува потребите и на останатите личности коишто се присутни во мојот живот. Љубовта е таа што ме освестува дека не сум јас центар на светот или дека не сум единствениот центар на светот. Секој има своја замисла/мисија и секој се стреми да ја реализира таа своја замисла/мисија. Во тој стремеж можеме да си помогнеме отстапувајќи си простор за изразување едни на други, што придонесува за личен, но и за заеднички раст и развој. Кога човек е поврзан со себеси, кога се осознал, тогаш ќе се издигне над егото и ќе се поврзе со другите. По мое видување, тогаш е „повисоко од себеси“ или издигнат над своите потреби, слободен и без предрасуди.

„Големата душа“, масло на платно

Портретите се сместени во имагинарни метафизички пространства. Дали и женските ликови се имагинарни?

– Не, женските ликови не се имагинарни, тие се реални ликови од секојдневниот живот. Сите се одбрани од фотографии изработени во црно-бела техника, за да не делува на мојата имагинација и изразување на емоциите преку боја. Одбрани се портрети во кои сум препознал моја доживеана емоција. Женските ликови се сместени во имагинарни метафизички пространства во коишто се сместени моите емоции и чувства, за да може публиката полесно да ги разбере. Така гледачот е поставен во интеракција со сликите.

Која е сликарската тајна на правење портрет на една личност, реална или имагинарна?

– Секој уметник може да наслика, технички, добар портрет. Една од моите тајни на портретирање на личност, без разлика дали е реална или имагинарна, е во ослободувањето од сето она што е научено, дозволувајќи му протек на трансгенерациското пренесување на знаењето во комбинација со личното искуство од животот што го живеам во оваа димензија. Друга тајна е личното доживување за личноста што ја портретирам. Полесно сликам портрет на личност за којашто имам повеќе информации или лично ја познавам. Тогаш поуспешно го усогласувам реалното со имагинарното.

Доколку не ја познавам личноста, целосно ѝ се препуштам на имагинацијата. Трета тајна е размислувањето за амбиентот во којшто најдобро ќе се вклопи портретот што го сликам. Има и други мајстории што се стекнати од моето долгогодишно сликарско искуство што го комплетираат процесот на успешно изработен портрет.

„Месечева градина“, масло на платно

Како ликовен педагог, какви совети им давате на своите ученици околу портретирањето други личности?

– Најпрвин ги водам низ процесот на совладување на пропорциите за цртање портрет. Откако тоа ќе го совладаат, им покажувам како да гледаат и како да го воочат карактерот на ликот што го цртаат или сликаат. Во тоа претставување на ликот ги охрабрувам да внесат од својот креативен сензибилитет. Дури потоа, ги насочувам како да го надградат и развијат тој ликовен израз што ќе биде карактеристичен за нив и по што ќе бидат препознатливи кај публиката, внимавајќи при тоа да не премине во маниризам.

Во текот на едукацијата, кај некои деца се јавува потреба да експериментираат во ликовниот израз. Тоа експериментирање им ги шири видиците и им посочува кој е вистинскиот правец за нив и во која насока да се движат за да ги реализираат сопствените идеи.

(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 202, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 28-29.10.2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот