Средба со Глигор Кондовски пред неговиот концерт на „Скопско лето“: Убавината е во несовршенството на нас самите

Фотографија: Стефан Рајхл

Мултимедијалниот уметник Глигор Кондовски на 15 јули ќе настапи на „Скопско лето“, а на концертот ќе го презентира материјалот објавен на албумот „Средба“.

Музичарот, фотограф и филмски автор Глигор Кондовски годинава акцентот повеќе го стави на презентацијата на своето музичко творештво и веќе имаше неколку успешни настапи со различни формации. Во „Аудиокултура“ настапи сам со својата виолина и со технологијата на која ја создава музиката, на фестивалот „Крај Вардарот џез“ настапи во дует со тромбонистот Владан Дробицки, а често настапува и во трио заедно со Владан Дробицки и Дени Омерагиќ.

Во рамките на „Скопско лето“ на 15 јули во Сули-ан ќе одржи концерт со наслов „Средба“.

Со каква музичка порака ќе се обратиш кон скопската публика на концертот?

– Со порака да се сретнат со себеси. Убавината е во несовршенството на нас самите како човекови битија. Да созреваме, да растеме, а тоа подразбира прифаќање на спротивставените ставови од нашите лични согледувања.

Мојот камерен оркестар се движи околу лаптоп, миди тастатура, виолината и вокал / Фотографија: Стефан Рајхл

На културната сцена си присутен како мултимедијален уметник (музика, фотографија, филм). Каде го наоѓаш извориштето на твоите уметнички предизвици?

– Се создава многу музика. Многу од нас создаваат со текстови, многу од нас се движат само во инструментална форма. Најважно е да пренесуваме пораки. Живееме во сериозно време, во оваа мала земја што поминува сѐ и сешто. А, и многу уметници живееле во одредени периоди на сериозни и проблематични времиња од различен психолошки, социјален, општествен и, пред сѐ, културолошки аспект. Ние сме секогаш сведоци на тоа време и простор во кој создаваме. Таму лежи и инспирацијата што варира во различни видови формати, од визуелни до аудитивни, начин на сензитивно бунтовништво. Понекогаш е личен потфат за порака, понекогаш преку личното станува сеопфатна порака од случувањата околу нас.

Уметниците треба да зборуваат, а не да молчат. Тие се печатот на културното мнение и дејство на времето во кое создаваат. Постави го личниот живот и добиваш дело. Тој секогаш опфаќа инспирации, креирани комбинации од многу уметници и уметности, восприемање од секојдневието и начинот на живот, ставови, но најважно е што сето тоа се трудам да биде надвор од своето удопство и своето „јас“ да исплива на површината која нема дно.

Омот на албумот „Средба“ (Encounter) во издание на „ПМГ Џез“

Карактеристика на твоето музичко творештво е амбиенталниот звук. Кога настапуваш сам виолината е твојот музички придружник, но музиката што ја создаваш е многу покомплексна. За каков креативен процес станува збор?

– Амбиентално-синематскиот стил е веќе препознатлив во светски рамки. Постојат многу музички уметници што креираат ваков стил на музика, настапуваат и сами и со оркестри, нормално поддржани од нивните културни институции и фондации, има и многу режисери што создаваат, исто така, музика во овој стил. Некаде, во некои европски држави, независната сцена се поддржува сфаќајќи ја сериозноста на делата што ќе останат во историјата.

Денес во 21 век, реалноста на техничките можности е многу поедноставна, ова е век на технологијата. Мојот камерен оркестар се движи околу лаптоп, миди тастатура, виолината и вокал. За вистински оркестар потребни се финансии. Во оваа земја сѐ уште немаме толку зрел „слух“ за да има спонзорство за различни музички жанрови, освен за стереотипното што го гледаат на нашите медиуми. А, и жал ми е што и популарната сцена сѐ уште е непрепознатлива на овој простор, а имаме фантастични млади поп-бендови и поп-пејачи, како и фантастични уметници од многу области, и различни музички жанрови. Затоа, ете го наоѓаме местото на овие значајни фестивали, како што е и „Скопско лето“.

Креативниот процес обично го согледуваат како експериментирање, но јас обично не би сакал да го користам тој збор кон уметностите, затоа што унапредување, нови идеи создадени од комбинации на идеи, враќање идеи со нови надградени искажливи пориви на креативитет е сосема различно од експериментирање во музиката, па и во останатите уметности. Ние, што не сме многу во оваа земја, се трудиме да создаваме македонска современа музика, која се поклопува со времето во кое живееме и создаваме.

Настап со Владан Дробицки на „Крај Вардарот џез“

Фестивалот „Скопско лето“ е културен бренд на Скопје. Колку ти значи учеството на фестивалот и што за тебе е асоцијација за скопско лето, воопшто?

– За мене „Скопско лето“ е еден еминентен и традиционален голем фестивал кој треба да има безрезервна поддршка од многу културни институции и спонзорство. Навистина бев среќен кога директорот на Дирекцијата за култура и уметност Никола Глигоров ми се јави и ми соопшти за учеството и настапот на „Скопско лето“. Овој фестивал е како пандан на „Охридско лето“ и секогаш треба да биде на пиедестал во културното битисување во оваа земја.

(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 187, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 15-16.7.2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот