Спогодбено ќе се решаваат тужбите за каснување од куче, највисока отштета до 100.000 денари

скопје Бездомни кучиња
Бездомни кучиња во Скопје / EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Постапката за утврдување на висината, исплатата и начинот на решавање на барањата од граѓаните за надоместок на штета ќе се применува и на започнати судски постапки против Град Скопје и ЈП „Лајка“ за надоместок на штета предизвикана од каснување од бездомни кучиња, доколку за тоа страните се согласат

Граѓаните што ќе бидат нападнати, каснати или изгребани од бездомни кучиња на јавните површини во Скопје имаат право да бараат отштета за претрпениот напад од Град Скопје. Советот на Градот, пак, на последната седница донесе одлука според која за првпат вонсудски ќе се решаваат случаите на каснување од бездомни кучиња. Притоа, висината на надоместокот не може да повисока од 100.000 денари, а средствата ќе се обезбедат од Буџетот на Град Скопје.

Вонсудското спогодување е во полза на намалувањето на енормните трошоци кои произлегуваат од судските постапки и сите пропратни процедури, а исто така е полезно и за оштетените во остварувањето на правото. Трошоците за судските постапки, жалбените постапки, одговорите на жалбите, адвокатски услуги  во 2020 година го чинеа Град Скопје повеќе од 15 милиони денари, во 2021 година повеќе од 26 милиони денари. Во 2020 година беа поднесени 480 тужби против Град Скопје, додека во 2021 година се поднесени 589 тужби. Оттука носењето на Одлуката за вонсудско спогодување ќе заштеди многу средства  во градскиот буџет – велат од Град Скопје.

Во Одлуката за утврдување на надоместокот на штета предизвикана од каснување од бездомни кучиња се прецизира дека начинот и постапката за утврдување и исплата на отштета на граѓаните ќе се уредува со правилник, кој ќе го донесе градоначалникот на во рок од 30 дена од денот на влегувањето на сила на оваа Одлука.

Предвидено е градоначалникот и директорот на ЈП „Лајка“ заедно со подносителот на барањето за надоместок на штета поради каснување од куче да склучат спогодба со како што е наведено во Одлуката, соодветен справедлив износ.

– Постапката за утврдување на висината, исплатата и начинот на решавање на барањата од граѓаните за надоместок на штета ќе се применува и на започнати судски постапки против Град Скопје и ЈП „Лајка“ за надомест на штета предизвикана од каснување на бездомни кучиња, доколку за тоа страните се согласат – се вели во Одлуката.

Доколку скопјани се најдат во ситуација да бидат нападнати од миленик, но и од бездомни кучиња или ако заработат гребаници од мачки, освен од градските власти и од надлежното јавно претпријатие, надоместок за претрпената штета, повреда и слично можат да побараат и од сопствениците на животното што ги нападнало. Но најпрво мора да јават во најблиската здравствена установа за лекување на повредите.

Од Агенцијата за храна и ветеринарство информираат дека по добивање на пријавата, надлежниот инспектор – официјален ветеринар дава налог кучето или мачката да се стави под официјален надзор (набљудување – опсервација од ветеринар 15 дена), а по завршување на опсервацијата се издава Сертификат за надзор на беснило, со кој се потврдува здравствениот статус на животното.

– Во прилог на пријавата граѓанинот потребно е да ги достави личните податоци за контакт, соодветна медицинска документација што ја добил од здравствената установа во која се јавил за лекување на повредите настанати од каснување или гребење од куче или мачка, локацијата каде се случил настанот, детален опис на животното од кое е каснат. Многу е важно при поднесување на пријавата колку е можно попрецизно да се опише животното (најдобро е да се достави и слика од животното), како и прецизна локацијата на настанот за да може тоа што е можно побрзо да се пронајде и залови. Заловувањето го врши надлежното прифатилиште за општината каде се случил настанот – информираат од АХВ.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот