Советничките групи на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ се обединија против промена на имиња на училиштата во Тетово

Советничката група на ВМРО – ДПМНЕ во Советот на Општина Тетово нема да го поддржи предлогот за преименување на училиштата во Градот, рече за „Слободен печат“ координаторот на советничката група, Ангел Карапетров, откако го пишавме за промената на имињата на училиштата.

-Доколку навистина стане збор за предлог на кој ќе се дискутира на некоја од следните седници на Советот на општина Тетово ние како советничка група тоа нема да го прифатиме, а со тоа нема да има ниту бадентерово мнозинство, така што предлогот ќе се отфрли. Ја видов предлог листата и сум разочаран што во неа има имиња на значајни и истакнати личности од македонската историја. Не може да очекува никој дека ќе прифатиме да се смени името на училиштето Гоце Делчев, ниту пак името на училиштето кое е именувано по македонската државност и независност, „8 Септември“, вели Карапетров и бара поддршка и од советничката група на СДСМ.

И од советничката група на СДСМ велат дека таков предлог е неприфатлив за нив и нема да го гласаат.

-И за време на мандатот на претходната градоначалничка Теута Арифи имаше разговори на тема преименување на училиштата, но не беа официјализирани. Сметаме дека е сосема непотребно да се менуваат имињата на училиштата и доколку дојде ред да се стави оваа точка на дневен ред ние како советничка група на СДСМ нема да ја поддржиме, вели Илија Димитровски.

Преименувањето на училиштата се однесува на средното текстилно училиште „Ѓоце Стојчевски“ кое би требало да го носи името на Идриз Ибраими, албански кројач од Тетово и раководител на организацијата „БЕСА“. ОУ „Кирил и Методиј“ ќе се преименува во „Мехмед Риза Муртезани- Гега“, основното училиште „Гоце Делчев“ ќе се преименува во „Скендербег“, гимназијата „Кирил Пејчиновиќ“ ќе го добие името „Шаип Камбери“, а музичкото училиште „Тодор Скаловски Тетоец“ ќе се преименува во „Гани Јахја“. Економското училиште „8 Септември“ ќе се преименува во „Халим Дерала“, а земјоделското училиште „Моша Пијаде“ во „Таџар Тетова“.

Од Општина Тетово кратко одговорија дека за да се променат имињата на училиштата потребно е да се изгласа предлогот со мнозинство гласови.

– Процедурите за вакви измени се јасни, ваквите одлуки потребно е да поминат на Совет на општината, за што се потребни мнозинство гласови. Досега ова прашање не било на дневен ред на Советот на Општина Тетово, ниту е разговарано за вакви измени, кратко одговирија од Општина Тетово.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот