Солскјер на лето носи три засилувања за 200 милиони евра
Манчестер јунајтед се подготвува за завршницата од сезоната, односно за финалето во Лигата на Европа кое е последна шанса за менаџерот Оле Гунар Солскјер да освои трофеј сезонава.
Норвежанецот е сигурен на клупата на Јунајтед и за следната сезона, а управата планира да му ги исполни сите желби во летниот преоден рок со цел тимот да го симне градскиот ривал од тронот во Премиер лигата.
Главната цел на Солскјер е да ја засили одбраната, односно да му најде идеален партнер ја Хари Мегваер, а менаџерот на Јунајтед го посакува дефанзивецот на Реал Мадрид, Рафаел Варан.
Варан летово влегува во последната година од договорот со Реал Мадрид и досега си одби сите понуди за потпишување нов договор поради што „кралевите“ на лето ќе бидат приморани да го продадат.
Засега има голема разлика во барањата и понудата, Јунајтед нуди 50 милиони евра, додека претседателот на Реал Мадрид, Флорентино Перез бара дури 70 милиони за играч кој е во последна година од договорот. Јунајтед е подготвен да плати највеќе 55 милиони евра, а доколку Перез остане тврдоглав и бара 70 милиони, тогаш „црвените ѓаволи“ ќе започнат преговори со Наполи за Калиду Кулибали за кого веруваат дека може да го добијат за 60 милиони.
По неколкугодишно кокетирање, се очекува на лето Џејдон Санчо конечно да се пресели на „Олд трафорд“. Борусија Дортмунд ги извести заинтересираните екипи дека Санчо е достапен за 90 милиони, а Јунајтед ќе се обиде да ја намали оваа сума така што во евентуалниот трансфер ќе го вметне Џеси Лингард кој има одлична сезона во Вест Хем.
Последното засилување на Солскјер оваа сезона треба да биде најдобриот играч на Астон Вила, Џек Грилиш за кого ќе мора да платат најмалку 90 милиони евра.