Собранието ги донесе законите за коридорите 8 и 10д, опозицијата гласаше против

Собранието ги донесе законите за изградба на коридорите 8 и 10д од конзорциумот „Бехтел и Енка“, кои беа предложени со европско знаменце и по скратена постапка.
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски од собраниската говорница пред пратениците да гласаат за пакет законите за изградба на коридорите 8 и 10 д информира дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ќе гласаат против.

„Полека, полека стигнавте до крајот на оваа фарса, а по ова се ќе биде различно. Заврши транспарентноста на оваа Влада. Ги пониживте пратениците ја злоупотребивте ЕУ со европското знаменце, го навредивте евроамбасадорот Дејвид Гир, го деградиравте и пониживте Уставниот суд, го сокривте договорот и од Антикорупциската комисија. ВМРО-ДПМНЕ ќе гласа против законите за коридорите бидејќи целиот проек е покриен со сомнеж за криминал и злоупотреба“, рече Мицевски.

Претходно и пратеникот од владеачката ВМРО-Народна Љупчо Балковски изјави дека ќе гласа против законите за коридорите. А против пакет законите гласаше и пратеничката Маја Морачанин од владејачката ДОМ.
