
Со жртвите под тркалата завршува и правдата
По повеќе од десет години откако Џенис Мекиќ го прегази петнаесетгодишниот Иван Билински со „туарег“ на пешачки премин на булевар во близина на Католичката црква, тој е надвор од земјава. Според информациите од Кривичниот суд, случајот застарува во септември 2030 година, а обвинетиот откако ќе биде пронајден има право да бара ново судење во негово присуство.
Препорачано
Темата за тоа колку пешаци завршија под тркалата на брзите автомобили и на колкави казни беа осудени возачите, се отвори откако дваесет и двегодишната Фросина Кулакова беше прегазена од две години помладиот Васил Јованов, кој возеше без возачка дозвола и пијан, со 0,9 промили алкохол во крвта, минувајќи на црвено на пешачки премин.
Родителот на Фросина, Тодор Кулаков, во интервју за ТВ Сител завчера побара и доживотна казна затвор, осудувајќи ја неказнивоста во општеството која создава монструми.
Семејството на Билински една деценија чека правда
Јавноста можеби веќе не се сеќава на сообраќајката во која загина Билински, но неговото семејство и по десет години голгота ја чека правдата. Според информациите што ги добивме од Кривичниот суд за овој случај, Мекиќ е правосилно осуден на две години и шест месеци затвор, но тој не е достапен за органите на прогонот.
Од Министерството за внатрешни работи за „Слободен печат“ велат дека Мекиќ не се бара ниту со национална, ниту со меѓународна потерница, а двете институции си ја префрлуваат вината меѓу себе.
-Имало наредба, односно само национална потрага за лишување од слобода врз основа на Наредба од Основен суд – Скопје 1 од 12.4.2019 г., но истата била запрена на 16.7.2019 од истиот Суд. Како причина за запирањето е наведено одлагање на извршување на казната. За подетални информации Ве упатуваме да се обратите до Основен суд Скопје 1, се вели во одговорот.
Кривичен пак чека известување од МВР.
-Се уште се чека известие од МВР за неговата достапност, а зависно од известувањето ќе се издаде наредба – велат од Кривичен за „Слободен печат.
Во јули 2023 година, Кривичниот суд го осудил Мекиќ на казна затвор во траење од четири години во отсуство. Неговиот бранител поднел жалба до Апелацискиот суд и овој суд ја намалил казната на две години и шест месеци, а по барање до Врховниот суд за вонредно преиспитување на пресудите, највисокиот суд ја потврдил пресудата.
Судската голгота за овој случај трае од 2017 година, кога Мекиќ сè уште беше во земјава и Кривичниот суд тогаш го осуди на две години четири месеци затвор. Апелација во 2018 година ја одбил жалбата на одбраната како неоснована и ја потврдил првостепената пресуда, но одбраната на обвинетиот и тогаш доставила до Врховниот суд барање на вонредно преиспитување на пресудите и највисокиот суд ги укинал двете пресуди и предметот бил вратен на повторно судење.
– При повторно постапување, судот со пресуда од 25.1.2022 година го огласи обвинетиот за виновен и повторно го осуди, овој пат на четири години затвор, но по добиена жалба од одбраната на обвинетиот, Апелацискиот суд со решение КЖ бр. 371/22 од 21.9.2022 година ја укина пресудата и предметот го врати на повторно постапување. При повторното постапување е донесена горенаведената пресуда (две години и шест месеци затвор). За обвинетото лице во претходна постапка од јавниот обвинител, не било предложено мерки за обезбедување присуство – велат од Кривичен за „Слободен печат“.
На Мекиќ додека е надвор од Македонија, делото може да му застари. Ако се врати во Македонија, има право да бара повторување на постапката.
На велешанецот казната му е намалена од 18 на осум години затвор
Највисоката затворска казна за прегазување пешак беше пресудата за возачот што ја прегази 11-годишната Магдалена Иванова во Велес и тешко ја повреди нејзината мајка.
Комбе удри во жена дојдена на погребот на 11-годишната Магдалена во Велес – и тој возач избега
Огромни реакции во јавноста предизвика одлуката на Апелација кога му ја намаликазната на Ангелче Николов од Велес од 18 на осум години, кој во пијана состојба ги прегази Магдалена и нејзината мајка и побегна од местото на настанот. Тој возел со брзина повисока од пропишаната.

Апелација образложуваше дека станува збор за млад, неженет човек, кој се покајал за делото, немало други постапки против него, а и неговиот брат загинал во сообраќајна несреќа.
На местото каде што загина младата Фросина, неколку метри понатаму, исто така на „Партизанска“, кај „Сити мол“ беше прегазена дваесет и четиригодишната радовишанка Викторија Николова.
Јордан Георгиев, кој во 2022 година ја прегази Николова, рече дека многу се кае и беше осуден на три години затворска казна, а семејството организираше протести на „Партизанска“ и пред Кривичниот суд во Скопје. Оваа пресуда е една од ретките што Апелација ја има зголемено. Георгиев веќе ја издржува затворската казна од четири години затвор.
Згрозен сум од оваа држава, рече таткото на покојната Викторија Николова
На истиот булевар загина и студентката од Крива Паланка со исто име како последната жртва, Фросина Цековска. Возачот Љубиша Видојковиќ не застанал, а при прегледот му беа најдени 1,2 промили алкохол во крвта. Кривичниот суд еднаш го осуди на 6 и пол години затвор, но Апелација го врати процесот на повторно судење и ја поништи пресудата. На второто судење, Видојковиќ беше осуден на четири години затвор, но Апелација му ја намали затворската казна дополнително на три години.
Сепак, и на оваа одлука на Апелација имаше интервенција од Врховниот суд, каде што по поднесените жалби од семејството, се донесе одлука Видојковиќ наместо три да добие четиригодишна затворска казна.
Апелација му ја зголеми на казната на шест години затвор и на возачот што на тротоар, пијан и дрогиран прегази жена, кај катната гаража „Зебра“, во Капиштец.
Случаите на Кичеец, Урко, Зекиров…

Наспроти овие казни, тогашниот осуденик Зоран Милевски Кичеец се спогоди со Обвинителството и доби шест месеци затвор, иако прегази човек кога јавноста мислеше дека сè уште е во затвор и дека ја издржува затворската казна за случајот „Рекет“.

И во овој случај тој се спогоди и доби најниска казна и ја издржуваше во отворениот затвор во Струга. Тогаш управата му дала еден месец отсуство „поради здравствени проблеми“, но тој, иако требало да оди на прегледи, учествуваше во сообраќајка кај Стража, во која седум лица беа повредени, а едно го загуби животот. За ова доби само шест месеци затвор затоа што признал вина и изразил жалење.
Најниски казни за усмртување пешак имаат добиено познати имиња што беа своевидна „сива еминенција“ и се поврзуваа со ВМРО-ДПМНЕ кога на нејзино чело беше Никола Груевски, а Управата за безбедност и контраразузнавање беше најмоќната институција со која раководеше неговиот братучед Сашо Мијалков.
Поранешниот телохранител на Груевски, Дејан Митровски – Урко, кој во 2016 година учествуваше во сообраќајка, возел „бе-ем-ве“, а притоа настрада дваесет и двегодишно момче, кое почина во болница пет дена по несреќата.

Како што известија медиумите тогаш, Урко признал вина, а оштетените се откажале од кривично гонење.
„Ве информираме дека против лицето за кое се интересирате, опфатено со предметот К.бр. 804/17 кај судија Биљана Коцевска, на 20.6.2017 година донесена е пресуда врз основа на признание на вина на обвинетиот, каде што вештачењето утврдило дека мотоциклот се движел со 94,6 км на час, немал вградено предно светло.
Оштетените пред судот се произнеле дека не бараат отштета и не се приклучуваат кон кривичниот прогон, со што обвинетиот за кривичното дело тешки дела против безбедноста на лицата и имотот во сообраќајот од член 300 ст.4 в.в со член 279 ст.3 в.в ст.1 од КЗ, е огласен за виновен.
Судијата му определил условна осуда, односно две години казна затвор, казна што нема да се реализира ако во следните пет години обвинетиот не стори ново кривично дело“, соопшти тогаш Кривичниот суд.
Ален Зекиров прегази човек со мотоцикл во 2009 година на „Партизанска“ и доби само шест месеци затвор. Тој му беше телохранител на Мијалков, а пресудата била изречена дури пет години подоцна.
Шест месеци затворска казна му пресуди судот на Ален Зекиров и за сообраќајната несреќа што се случи пред пет години и во која загина едно лице. Зекиров во суд се извини и објаснуваше дека на првиот пешачки на „Партизанска“ пред пазарот застанал и пропуштил пешаци, на следниот немало никој и поминал, но во еден момент од левата страна бил удрен (?!) од Серафимовски, кој управувал велосипед. Синот на загинатиот тогаш изјавил дека го прифатиле извинувањето.
– Ние извинувањето го прифативме и добро е и тој што не претрпе поголеми последици, затоа што беше повреден во главата – рекол неговиот син.
Поранешниот бодигард на Мијалков, Ален Зекиров доби 50 илјади евра за незаконски отказ од МВР
Сите овие случаи, реакциите во јавноста и протестите што беа организирани, а најавен е и нов, за в сабота, во Неготино, придонесоа обвинителството да ја разгледува можноста да го гони возачот Васил Јованов како за убиство со умисла, дело за кое е предвидена казна од 4 до 20 години затвор.
Додека власта најавува законски измени, во јавноста објавена е пресуда за актуелниот пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, Сергеј Попов кој е претседател на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ.
Според објавената пресуда, Попов во 2014 година под дејство на алкохол без возачка дозвола повредил жена.
– Со возилото не зазел положба на онаа сообраќајна лента по која задолжително требало да помине низ крстосницата, со тоа што зазел положба на сообраќајна лента наменета за движење на возилата за право и десно, свртувајќи во лево со правец на движење кон ул.„Аминта Трети“, возилото го управувал без положен возачки испит за управување со моторно возило од определена категорија и при тоа возилото го управувал со концентрација од 1,43 грам промили алкохол во крвта, иако бил свесен дека поради тоа може да настапи штетна последица, но се согласил со нејзиното настапување, поради што во левата бочна страна на возилото, бил удрен од предниот десен дел од патничко моторно возило марка „Голф“ со рег. бр…, управувано од Д.Ц. по левата сообраќајна лента од ул.„Метрополит Теодосиј Гологанов“ со правец на движење од кружен тек кон Центар, а во моментот на незгодата со возилото навлегол на крстосницата со ул.„Аминта Трети“ и влез-излезот од паркинг просторот пред објект на „Клуб на Пратеници“, задржувајќи го правецот на движење за право по ул.„Метрополит Теодосиј Гологанов“, од кој удар оштетената С Ц, сопатник во патничкото моторно возило марка „Голф“, се здобила со телесни повреди изразени во вид на нагмечување на главата“, стои во пресудата – стои во пресудата.
Попов платил парична казна и тоа од само 30.750 денари, што претставува 50 дневни глоби, секоја глоба од по 10 евра во денарска противвредност од 615 денари и ги надокнадил судските трошоци од 11 илјади денари.
Кумановецот кој го прегази четиригодишниот Алмир Алиу доби одложување на затворската казна