Со светлосна брзина во економскиот раст државата ќе се справи со „бегството“ на младите

Фото: Слободен печат /Драган Митрески

Како да се спречат младите луѓе да заминат од дома? На ова прашање, одговор кој никогаш не е објавен во јавноста, има Стратегијата  „Стоп Браин Драин 2013 – 2020“, која е изработена пред шест години, но Владата на поранешниот премир Никола Груевски, никогаш не ја објави. За Стратегијата знае и Владата на Зоран Заев, но таа и понатаму е далеку од очите на јавноста. Во неа, една од мерките против иселувањето на образованите и стручни кадри за подобри плати и услови за живот е силната економија.

„Во основа, потребен е силен и континуиран економски раст од 6-8% кој ќе придонесе за создавање на голем број на нови и квалитетни работни места за младите, особено за потенцијалната интелектуална емиграција“, пишува во Стратегијата.

Но реално, колку е можен раст од 6% до 8%  во нашата држава? Универзитетскиот професор Ванчо Узунов во изјава за „Слободен печат“ вели дека ниту една економија во светот не може така лесно да оствари таков економски раст, а потоа и да ја одржи на подолг период од 10 до 15 години.

– Илузија е да се очекува од некоја држава тоа да го постигне. Суштината е да се постигне стапка нешто над потенцијалната, да речеме околу 4 отсто, но да знаеме дека тоа ќе биде непрекинато на долг период. За таква стапка мора да се направат сите реформи за да може да се одржи на долг период, затоа што останувањето на младите луѓе во државата не значи – кога ние ќе станеме држава на ниво на членките на ЕУ. Но ако се приближуваме  континуирано, тоа е веќе доволно – вели Узунов.

Во најновиот извештај на Европскта банка за обнова и развој за Македонија пишува дека земјата успешно се справува со политичката криза по 2017 година.

„По зголемувањето од 2,7 отсто во 2018 година, стапката на раст се зголеми на 3,6 отсто во првата половина од годинава. Растот најмногу се должи на зголемената домашната побарувачка и првенствено од закрепнувањето на инвестициската активност. Стапките на општата невработеност и невработеноста кај младите се намали на 18 и 35 отсто во однос на 2018 година кога тие изнесуваа 21 и 48 отсто. Инфлацијата остана ниска и изнесува еден процент во првите девет месеци од 2019 година. Растот се очекува да достигне 3,2 проценти и во 2019 и во 2020 година, поддржан пред се од зголемувањето на инвестициите“, пишува во ноемврискиот извештај на ЕБОР.

Во меѓувреме, „летаат“ обвинувања меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, за тоа кој е виновен за трендот на иселувањето на младите луѓе. Од власта велат дека економските политики на ВМРО-ДПМНЕ во изминатите 11 години придонеле за ваквата лоша состојба. Од власта се децидни, позитивните економски политики кои таа ги води во изминатите три години овозможиле врботување на 54.000 луѓе од кои дури 54 проценти се млади луѓе.

И опозицијата тврди дека лошата економија, но не нивната, туку на Владата на Заев, ги натерала младите да се иселуваат масовно од Македонија.

Вчера премиерот Заев од форумот за младинско лидерство „Западен Балкан во 2030 – Визии, желби, реалности“, од Нови Сад порача дека младите се тие кои треба да учествуваат во изнаоѓањето на решенија за предизвиците и проблемите со кои се соочуваат регионот и Европа.

– Регионот се менува и тоа е незапирлив процес, а младите треба да се двигатели на тие промени – порача Заев.

Инаку во Стратегијата изработена уште во 2013 година, како најважни причини за „бегање“ од Македонија во странство, се наведени: ниските плати, економска нестабилност и неизвесност, немање на можности за напредок во кариерата, непочитувањето на трудот, потценувањето на стручноста, воспоставените миграциони врски, како и поволните промени во имиграционите политики на земјите на прием. Уште се посочува дека за да се намали иселувањето на младите, потребни се и сериозни реформи во вработувањето и отстранување на влијанијата од роднинско-пријателски или политичка „врски“, но и можност за издигнување на меритократски процеси – подобрите да ги добиваат работните места.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот