Со приватни тужби до заработеното

Високи владини функционери потврдија дека ќе има санкции за компаниите што добија државна помош, а не им ја дадоа на работниците

Откако добија целосна поддршка и од владините институции, експертите и синдикатите, најважното неодговорено прашање е дали работниците ќе си го добијат заработеното. Како што стојат работите, ним, по сѐ изгледа им останува да поднесат граѓански тужби, а на парите ќе може да сметаат дури откако ќе завршат судските процеси. Адвокатите нормално советуваат да се преземат такви чекори, но епилогот од слични прекршувања на работничките права не влева голем оптимизам.

Експертите се на ставот дека треба да се даде бесплатна помош или тужбите да се групираат, за да се избегнат поголеми трошоци. Дел од работниците што „останаа со куси ракави“, не се надеваат дека ќе добијат правна и финансиска сатисфакција. Иако не се однесува за конкретниот случај, анализата, која е дел од проектот „Пристап до правда во источниот регион“, спроведен од Здружението „Гласен Текстилец“ Штип, покажува дека 74,25 проценти од граѓаните сметаат дека трошоците се многу високи и се причина зошто не ги бараат своите права во судска постапка. Анкетата опфатила 400 одговорени анкетни прашалници, спроведени преку телефонски јавувања и на терен и 38 онлајн одговорени прашалници, а била спроведена од ноември 2019 до февруари 2020 година.

Владата си го одржа ветувањето и на „столб на срамот“ постави околу 700 фирми што ја изиграа владината помош за исплата на платите. Вредно е да се спомене и дека имало и фирми што земале помош, ама на своите вработени не им ја исплатиле целата сума. Директорката на УЈП, Сања Лукаревска, посочи дека во април и во мај повеќе компании  побарале исправка за финансиската поддршка, но не извршиле исплата на износот на плата по поднесените исправки. За тие компании, како што рече Лукаревска, податоците ќе се достават до Министерството за труд и социјална политика за да може да се утврди дали задржаните средства се основани или не. На социјалните мрежи веќе се појавија објави од работници, кои не зеле 14.500 денари, ами по 3.000, 4.000 или 5.000 денари на име плата. Дел од нив, се разбира анонимно, се жалат дека морале да вратат дел од платите. Високи владини функционери, потврдија дека ќе има санкции за компаниите што добија државна помош, а не им ја дадоа на работниците, како и дека нивните имиња ќе бидат доставени до Обвинителството. Тоа го најавија и од Генералниот секретаријат на Владата.

На прес-конференција на Управата за јавни приходи беше објавено дека вкупно 281 работодавач што примиле финансиска поддршка за април годинава во износ од 9.995.565 денари, не ја исполниле обврската за исплата на плата за 722 вработени, односно за мај вкупно 427 компании воопшто не исплатиле плата за 984 вработени, а добиле финансиска поддршка во износ од 13.698.998 денари. Од УЈП оценија дека се размислува во иднина, парите директно да им се исплаќаат на сметките на работниците, а не на газдите. Како и да е, ако не се донесе нова Уредба со која парите ќе се повлечат од сметките на фирмите, работниците ќе останат без парите што ги заработиле.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот