Со евтината тарифа ќе се „запегла“ зголемувањето на данокот на струја

Фото: Драган Митрески / Слободен печат.

Кога се укина евтината дневна тарифа, Регулаторната комисија излезе со податок дека тоа во просек ќе ги зголеми цените на сметките за 5 проценти. Нејзиното враќање треба значајно да го ублажи зголемувањето на данокот од 10 на 18 проценти. Но, важно е тие истовремено да стартуваат.

Сè поизвесно е дека данокот на електрична енергија од 1 јули ќе се зголеми од 10 на 18 проценти. Според Законот за данокот на додадена вредност, повластената стапка од 10 проценти важи до 1 јули, по што треба да се врати регуларната стапка од 18 проценти. Според досега кажаното, ова зголемување на данокот малку, или воопшто не би требале да го почувствуваат корисниците на електричната енергија. Кога се укина евтината дневна тарифа, Регулаторната комисија излезе со податок дека тоа во просек ќе ги зголеми цените на сметките за 5 проценти.

– Без евтината дневна тарифа, во просек, месечните сметки ќе се зголемат за 5 проценти. Но, тоа беше неопходно, затоа што за увоз на струја кога е дневната евтина тарифа се даваа големи пари – рече Марко Бислимоски, претседател на Регулаторна комисија на енергетика, најавувајќи го укинувањето од 1 јануари 2022 година.

Математиката кажува дека ако со укинувањето на евтината тарифа во просек се зголемиле сметките за 5 проценти, за сличен процент – односно за 4,76 проценти, тие ќе се намалат кога таа повторно ќе се врати, и тоа е процентот со кој ќе се ублажи зголемувањето на ДДВ за 8 проценти.

– Ако пресметате, тоа не е 8 проценти зголемување на цената, математички е некаде околу 7,3, односно 7,4 проценти – изјави Бислимоски.

Тргнувајќи од овие бројки, цената на струјата во просек би се зголемила за 2,64 проценти. Но, во меѓувреме, од 1 јули 2022 година стартуваше и системот на блок-тарифирање на електричната енергија, така што оние што трошат помалку и плаќаат помалку, а податоците покажуваат дека најголем дел од корисниците на електричната енергија се во   првата и во втората блок тарифа.  Исто така, од 1 јули годинава треба да има и нова цена за секој потрошен киловат-час. Според досегашните изјави од власта, но и од страна на регулаторот, не треба да се очекува некое зголемување на цената на струјата. Аргументите против зголемувањето на цената што ги презентираше претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимоски се: намалена цена на електрична енергија на светските берзи, зголемено домашно производство на струја од обновливи извори на енергија и намалена потрошувачка на домаќинствата за околу 16 проценти. И министерот за економија Крешник Бектеши деновиве ги уверува граѓаните дека нема да плаќаат поскапа струја. Сепак, според она што досега го побарале компаниите, би требало да значи зголемување на цената за 13 проценти, но искуството покажува дека нивните брања целосно не се усвојуваат.

– Во текот на јуни ќе седнеме и ќе разговараме за новиот модел. Јас можам од денеска да им кажам на граѓаните дека нема да плаќаат поскапа струја. Кој ќе биде моделот, сите заеднички ќе го формираме во склоп на енергетскиот совет. Граѓаните нема да плаќаат поголема цена од постојната од 1 јули до крајот на годината – рече Бектеши.

Но, сепак, да не излезе дека цената не е зголемена, или дури и малку намалена (затоа што и такво нешто се спомнуваше во јавноста), но сепак данокот ја зголемил крајната сметка, многу е важно тие истовремено да почнат да се применуваат.  Бислимоски вели дека точниот датум кога ќе почне да се враќа евтината тарифа ќе се објави за десетина денови, а тоа зависи од подготвеноста на ЕВН да ја спроведе оваа операција, која сега е покомплицирана токму поради блок-тарифите. Но, како што рече и Бислимоски, сигурно е дека евтината тарифа нема одеднаш да ја добијат сите граѓани, затоа што струјомерите рачно се местат, односно мал е уделот на „автоматските“ струјомери. Таква беше и практиката и во минатото, како и при воведување, така и при исклучување на дневната евтина тарифа. Она што беше досега практика на ЕВН е оние што последни ги исклучувале, потоа први да бидат за нагодување на струјомерите да мерат евтина дневна тарифа.

Досега, никој децидно не рекол дека се враќа данокот на ДДВ на 18 проценти. Според премиерот Димитар Ковачевски „се прават калкулации“.

– ДДВ е изворен приход на буџетот и ние го намаливме за струјата за да нема ценовен шок за граѓаните. Тоа беше намалено од 18 на 5 проценти, потоа од 18 на 10 проценти и не се качи цената на електричната енергија. Истовремено со зголемувањето на ДДВ – од 5 на 10 отсто што повторно е пониско од вообичаените 18 отсто, зголемувајќи го производството на електрична енергија обезбедивме да има иста цена на струјата. Сега се зема предвид и нормалната стапка на ДДВ, зголеменото производство на електрична енергија, зголеменото производство на електрична енергија од обновливи извори на енергија и доколку калкулациите покажат дека финалната цена со вклучен ДДВ може да остане иста, тогаш Министерството за финансии, ЕСМ и другите ресорни економски министерства ќе можат заедно да донесат одлука во однос на тоа дали е потребно се уште да е држи на 10 проценти или може да биде на нормална ставка од 18 проценти – рече Ковачевски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот