Сместувањето и исхраната – дел од договорот со дадилките

Семејствата што ангажираат негувателки на деца, на стари или на болни лица, може и да ги вработат како куќни помошници. Сместувањето и исхраната на овие лица, како дел од договорот за вработување, ќе им биде дел од платата, но тоа треба да биде пресметано во пари.

Од Министерството за труд и социјална политика за „Слободен печат“ објаснуваат дека Законот за работните односи ја дава ваквата можност. Бидејќи правата, обврските и одговорностите врз основа на вршењето на работата од работниот однос и вклучување во задолжителното социјално осигурување врз основа на работниот однос, започнуваат да се остваруваат со денот на стапувањето на работникот на работа, договорени во договорот за вработување, работодавачот е должен да поднесе пријава/одјава (електронски образец М1/М2 испечатен од системот на Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија) за работникот во задолжително социјално осигурување (пензиско и инвалидско, здравствено и осигурување во случај на невработеност).

– Со ваквиот договор за вработување, може да се договори сместувањето и исхраната на работникот кај работодавачот да претставува дел од платата на работникот, но тој дел во договорот мора да е изразен во пари. Дополнително, најмалиот износ на заработувачка кој задолжително се пресметува и исплатува во пари, исто така, се утврдува во договорот за вработување и не може да биде помал од 50 отсто од заработувачката на работникот – велат од МТСП за „Слободен печат“.  

Според Законот за заштита на деца, физички лица можат да вршат одредени работи од дејноста згрижување и воспитание на деца од предучилишна возраст како професионална дејност под услови утврдени со овој закон.

– Згрижувањето и воспитувањето на децата од предучилишна возраст може да се врши во домот на родителите на детето, во домот на физичкото лице или во друг соодветен станбен/деловен простор што ги исполнува законските услови. Физичко лице може самостојно да врши одредени работи од дејноста згрижување и воспитување деца, како професионална дејност за организирање и остварување на згрижување или престој, нега и исхрана на деца од предучилишна возраст до шест години живот, односно до поаѓање во основно училиште и деца на возраст до десет години живот, најмногу до пет деца и не помалку од два часа дневно – додаваат од ресорот.

Меѓу другото, физичко лице може самостојно да врши одредени работи од дејноста згрижување и воспитување на деца, како професионална дејност и за организирање и остварување на згрижување или престој, нега и исхрана и за деца со пречки во менталниот развој или телесна попреченост до две деца на возраст до десет години живот и не помалку од два часа дневно.

Пред неколку денови беше презентиран Оперативниот план за вработување различни ранливи категории невработени лица, млади лица, жени, лица со попреченост, лица кои ја загубиле работата поради корона-кризата. Тогаш министерката за труд и социјала Јагода Шахпаска информираше дека преку мерката „Економија на грижа“, односно Обука и вработување лица за услуги на грижа во заедницата за лица со попреченост и лица со хронична болест, ќе се обезбеди обука за невработени лица за стекнување стручни квалификации и вештини.

– Во наредните 10 месеци тие ќе обезбедуваат грижа за лицата со попреченост и за лицата со хронични болести и за тоа ќе добиваат месечен надоместок од 30.780 денари. Со оваа мерка се опфатени 150 лица – посочи Шахпаска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот