Скопската магла е предизвик, но секој пилот сам одлучува дали ќе полета – слета или не

Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Поради густата магла овие денови барем во утринските часови се потешко слетуваат и полетуваат авионите од Скопскиот аеродром. Вчера речиси сите летови беа откажани или пренасочени.

Според информацијата на ТАВ утрово се откажани два лета од Меѓународниот Аеродром Скопје, како резултат на ниската видливост поради густата магла.

Во вакви моменти на откажување на летовите, нервозата кај патниците расте и се бара одговорност за настанатата ситуација.

Условите во котлината се такви што ако се бара ветар во магла, тој можеби ќе ја расчисти во попладневните часови, а дотогаш вината е најмала кај контролата на летање на скопскиот аеродром кои прават се што е во моќ на радарската и навигациската контрола авионите да полетаат или да слетаат при секакви временски услови.

– Секоја авиокомпанија има пропишан минимум на видливост на пистата, и одлуката дали авионот ќе слета или не, ја носи капетанот на леталото, тоа е сосема негова проценка и е во врска со минимумот која неговата компанијата го препишала.

Минималните вредности за видливост се различни кај секоја авиокомпанија. Секој пилот пред да полета со авионот добива прецизен метео извештај, добива и променет на секој час или повеќе и точно ги знае временските услови и на местото на слетување. Додека е во воздухот, има определена точка – Дисижн хајт, кога доаѓа до компанискиот минимум и ако пилотот поради намалената видливост не ја види пистата нема да продолжи да слета, туку продолжува кон друг аеродром по негов избор, вели соговорник од Контролата на летање на скопскиот аеродром.

Соговорникот за „Слободен печат“ додава дека ако е до нив, сите авиони ќе може да слетаат и полетаат од скопскиот аеродром дури и при намалена видливост и други временски неприлики.

– Зад радарите на М-НАВ работат високо обучени кадри кои го контролираат воздушниот простор и вршат навигација на авиониот кон и од скопскиот аеродром, но пилотите се тие кои ги носат главните одлуки според компанискиот минимум за видливост кој пак зависи и од типот на авион кој се пилотира.

Пилотите ги добиваат сите информации од почетокот до крајот на летот, и понекогаш еден лет може да се одложи и поради немање на паркирно место на аеродромот за слетување, но тоа се некои детали кои не им ги објаснуваат на патниците туку само велат, одложувањето е поради Контролата на летање, велат од таму.

Од друга страна поради намалена видливост, и операторите на аеродромите, како што е ТАВ во Скопје може да инвестираат во вградување на попрецизна опрема за приод, средства за приод и слични инструменти, но потребна е студија за да се утврди дали е можно физички таква опрема да биде вградена и во скопскиот аеродром.

Контролорите на летање се децидни дека и загадувањето влијае врз маглата и нејзината густина, зошто во изминатите две години поради пандемијата, ограничувањето на движењето, работата на фабриките и слично немале толкави проблеми со временските услови и скопската магла.

Инаку во случај кога летот е пренасочен или одложен, третманот на патниците зависи од самата авиокомпанија и од износот кој патниците го платиле за летот. Ако платиле премиум услуги, во вакви случаи компанијата ќе го организира поинаку нивното патување до посакуваната дестинација во спротивно, компанијата нуди не толку поволни опции за патниците. Сите детали сепак се содржани во текстот испишан со најситни букви за условите на патувањето со одредена авиокомпанија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот