Скопје, една тажна приказна

Марин Гавриловски

Тоа нематеријално богатство е највредниот имот со кој располага Скопје. Тој дух успеал да се спаси од сите наезди и рушења, стихии и зулуми предизвикани од оние што не го познаваа градот. Тоа ми е единствената надеж дека некогаш ќе дојде некое време кое ќе ги залечи раните и ќе го отвори патот кон развој и просперитет.

Никогаш посебно не сум го сакал градот во кој сум се родил. Сметам дека тој бил и останал една далечна периферија, провинцијална касаба со малограѓански менталитет, искомплексирано село кое себеси се смета за велеград. Деградацијата на Скопје почна со катастрофалниот земјотрес од 1963 година, кога природната стихија, како по нарачка од комунистичката номенклатура, од лицето на градот ги брише сите оние белези кои го симболизираа граѓанскиот, во тоа време наречен буржоаски карактер на градот, како што беа Офицерскиот дом, зградата на Народната банка и други објекти, кои мораа да им го отстапат своето место на некои модерни, безлични градби или, пак, да останат ледини засадени со трева во срцето на градот.

Старите велат: „Секое зло за некое добро“, па така од руините на разурнатото Скопје пополека почнаа да се отсликуваат контурите на еден сосема поинаков град, оној кој во своите проекти и размисли го предвиде прочуениот јапонски архитект Кензо Танге. Неговата замисла беше Скопје, задржувајќи го шмекот на граѓанскиот дух од почетокот на дваесеттиот век, олицетворен во т.н. Мал ринг, кој требаше да биде сведоштво за минатото и за традицијата, обиколен со Градскиот ѕид, да се шири понатаму во една футуристичка метропола и подготвено да го дочека 21 век, кој во главата на Кензо Танге, беше веќе зад аголот.

Но, за жал, многу малку од идеите на Танге се реализираа. Градскиот ѕид и Транспортниот центар останаа единствените показатели дека Скопје ја имал шансата да стане град и тоа град кој би бил пример, град-учебник во кој би доаѓале студенти по архитектура од целиот свет за да го видат и да научат нешто за неговиот развој по катастрофалниот земјотрес. Од целиот тој проект сега остана само оригиналната макета и цртежите на Танге кои го обиколуваат светот на изложби на кои се презентираат архитектонските достигнувања на поранешната југословенска федерација.
До последната декада од дваесеттиот век Скопје, освен што стана магнет во кој како струготини со децении, неконтролирано се населуваше и шуто и рогато, на ниеден друг начин не можеше да се каже дека градот се развива во било кој правец, освен во оној поврзан со демографската експанзија. Големиот број новодоселеници, како по правило ги отворија многубројните проблеми поврзани со урбнизацијата кои од ден на ден само се продлабочуваа.

Но, тогаш дојде осамостојувањето и можноста Скопје, од еден провинцијален град на периферијата на една федерација, да стане главен град на независна држава и барем формално да се изедначи со Лондон, Париз, Софија или со Белград. За жал, и оваа можност не беше согледана од страна на градските и државните власти. Стихијното обезличување на градот продолжи и по 1991 година и тој никогаш не ги доби атрибутите на главен град на една независна држава.

И тогаш се појави тој. Перверзниот ум на Никола Груевски засекогаш го осакати Скопје. Неговиот проект „Скопје 2014“ беше олицетворение на кич и шунд, евтини материјали, стиропор и лажен мермер, а всушност добро осмислен план преку изградба и адаптација на голем број објекти во некој квази стил, кој популарно беше наречен „барок“, од државната каса во приватните џебови на мал број луѓе да се слеат милиони и милиони евра под паролата: „Ние градиме“, а всушност „крадиме“. Многу брзо по отпочнувањето на овој проект се виде дека неговата реализација засекогаш ќе го промени градот, за жал на полошо. Поставувањето голем број непотребни и до одвратност накитени мостови, бродови и палми среде и така плиткиот Вардар, споменици на секој ќош и преслекувањето на фасадите на веќе одамна изградените објекти во стил што не кореспондира со времето во кое биле градени беше, во буквална смисла, силување на градот. Станавме предмет на потсмев.

Промената на власта на локално и на државно ниво и формирањето комисија која требаше да го ревидира и да предложи како да се надмине проектот „Скопје 2014“, повторно можеше да биде шанса за градот да се извлече од канџите на первертираниот ум на Груевски. Иако комисијата излезе со разни предлози, реализацијата секако остана на народните избраници на локално и државно ниво, кои, за жал, не само што не успеаја да го прекинат и да го разобличат монструозниот проект на ВМРО-ДПМНЕ туку и го доградуваа по планот на Груевски, станувајќи и самите соучесници во едно злосторство.

Граѓаните, револтирани од градскиот татко кој не беше во можност да се справи со предизвикот наречен „Скопје 2014“, на следните локални избори ја испорачаа казната. Но, кој можеше да претпостави дека и од лошо има полошо? Данела Арсовска беше последниот клинец од ковчегот со кој се погреба идејата дека Скопје некогаш ќе стане пристојно место за живеење. Нејзината епска неспособност да се носи со сериозната задача да биде градоначалничка на главен град на држава, од Скопје направи депонија во распаѓање по сите рабови – од изгледот на градот, чистотата на улиците, до функционирањето, односно нефункционирањето на основните комунални и други дејности, како градскиот превоз, водоснабувањето, секојдневниот сообраќаен метеж и сл. Дали ние и Скопје ќе може да ја издржиме агонијата на владеењето на Арсовска до крајот на нејзиниот мандат или ќе треба нешто под итно да се направи за да се спаси она малку што може да се спаси? Помеѓу ,,делото“ на Пиколомини и денешнината се води мртва трка.
Живеејќи го секојдневното пропаѓање и деградирање на цел град пред наши очи, нам не ни останува ништо друго туку да се сеќаваме на едно минато време кога градот живееше поинаку и, иако мала провинцијална малограѓанска паланка, сепак во него се чувствуваше нешто што го правеше жив, а тоа беше духот на скопјани, можеби единствената причина која ме задржа да останам тука и никогаш да не го напуштам. Тоа нематеријално богатство е највредниот имот со кој располага Скопје. Тој дух успеал да се спаси од сите наезди и рушења, стихии и зулуми предизвикани од оние кои не го познаваа градот. Тоа ми е единствената надеж дека некогаш, можеби, ќе дојде некое време кое ќе ги залечи раните и ќе го отвори патот кон развој и просперитет. Колку и утопистички да изгледа, сепак во еден мал дел од мојата душа има трошка надеж дека можеби некои идни генерации ќе го сакаат и ќе го почитуваат Скопје повеќе од нас. Навистина доста од волунтаристи и будали кои се изживуваа и се изживуваат на нашиот град. Пост фестум, среќен 13 Ноември, денот на ослободување на нашиот град од „администраторите“ и од другите окупатори. Но, што ќе правиме со домашните окупатори на нашето Скопје?

Авторот е адвокат

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот