„Скопје 2014“ го создававме со љубов, зад „Феникс“ стојат исплашени политичари, порача осомничениот Груевски

Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Поранешниот премиер Никола Груевски, првоосомничен во истрагата „Феникс“, поврзана со малверзации околу спомениците од проектот „Скопје 2014“, во која тој и други се товарат за злоупогтреба на службената положба и за перење пари, се огласи од Будимпешта, каде избега без да се соочи со правдата за други дела, за кои беше осуден во отсуство.

Груевски на Фејсбук напиша дека истрагата е „резултат на исплашеност на политичари на чело со поренашниот премиер Зоран Заев“, како и дека спомениците и проектот „Скопје 2014“ „биле создавани со љубов“.

Во карактеристично опширниот статус, само дел се однесува на оваа тема:

„Правосудниот систем на власта е претворен во инструмент и алатка за дефокусирање од криминалите на поединци од власта и за политичка елиминација на политичките неистомисленици, а во прв ред оние во кои народот има некаква доверба, пред сѐ заради страв. Така, денеска обвинителството соопштило дека од 2016 година, односно 7 години води некаква истрага која не е им била завршена, а од наративот на обвинителот и нема најава дека брзо ќе заврши, а се однесува за дел од проектите на т.н. проект Скопје 2014 односно за 11 споменици и објавиле листа на осомничени, лица во кои се сомневаат, а за неколкумина дури побарале притвор, што во пракса за ова контролирано правосудство значи и дека ќе добијат мерка притвор. Зад оваа постапка стојат исплашени политичари, на чело со Заев кој и понатаму има огромно влијание во правосудниот систем и нему блиски луѓе од политиката, од неговата партија СДСМ, но и од други партии“, пишува меѓу другото осомничениот Груевски.

Кривичниот суд вечерва им изрече мерки ефективен притвор од 30 дена на тројца осомничени во случајот, меѓу кои и на поранешниот претседател на Советот на Општина Центар, Владимир Здравев и на неговиот брат, додека ексградоначалникот на Центар, Владимир Тодоровиќ доби мерка куќен притвор, исто како уште еден осомничен во случајот.

Тодоровиќ оди во куќен притвор, вели дека не се чувствува виновен

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот