Скандал во женскиот фудбал: Репрезентативката Талевска тврди дека намерно ја повредиле откако ѝ се заканувал претседателот на ЖФК Деспина

Фото: Мила Талевска/Инстаграм

Женскиот фудбал во Македонија е на ниско ниво и засега за жал не изгледа дека работите можат да се променат на подобро во блиска иднина, а сега ни доаѓа вест за нов скандал и тоа со репрезентативката на Македонија, Мила Талевска.

Имено, според изјавата на Талевска пред три месеци на пријателски натпревар во Прилеп против ЖФК Деспина претседателот на домашниот тим и се заканил дека на следниот натпревар против нив таа ќе биде изнесена на носилки, а како што вели таа тоа пред три дена и се случило.

„Се започна во зимските припреми кога одигравме пријателски натпревар со ЖФК Деспина во Прилеп. Натпреварот беше далеку од фер и пријателски, а за тоа се погрижија домашните фудбалерки кои беа доста груби. Во текот на целата утакмица имаше остри стартови и провокации. После завршувањето на утакмицата нивниот претседател се поздрави со мене и упати закана дека на првенствената утакмица ќе бидам изнесена на носилки.

Тоа не го сфатив толку сериозно се додека не дојде таа првенствена утакмица. На секој мој контакт со топката имаше удар на мене и делуваше како да сакаат да ме повредат. Судиите ја дозволија таа груба игра од нивна страна, но не и од наша, секој наш прекршок беше санкциониран. После еден намерен старт од противничка фудбалерка ми беше скршен зглобот, а нивните коментари беа дека јас сама се лизнав и дека не ми е ништо.

Најжално од се е што кога излегов од игра нивниот претседател, тој истиот што ми се закануваше, стоеше до мене насмеан и среќен дека сум повредена и иронично ми рече дека сама сум се сопнала и не ми е ништо. После мојата повреда нивниот тренер ги храбреше со тоа да влезат уште појако и повќе да удираат. Поради таа повреда ја пропуштив вчерашната утакмица од купот на Македонија, токму против ЖФК Деспина, но понесена од емоциите и револтот кој го имав не внимавав на зборовите додека ја бодрев мојата екипа. Истиот тој тренер што е најзаслужен за мојата скршеница, после вчерашната утакмица изрази незадоволство од мојот речник и ми препорача да си го преиспитам мојот однос. Најверојатно не му се допадна некој да му возврати на негов начин, но за жал не можев да бидам таа добрата и на овој начин сакав да се запраша малце за неговите постапки“, изјави Талевска по натпреварот за „Без Пардон“.

„Слободен Печат“ ја контактираше и другата страна од таборот на ЖФК, Деспина, но барем засега од таму немаме нивни одговор.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот