Скандал Онкологија: Анкетната комисија тешко се движи кон заклучоци за политичка одговорност

Анкетна комисија за случувањета на онкологија / Фото: ,,Слободен печат''- Драган Митрески

Се поизвесно е дека пратениците на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ нема да најдат заеднички јазик на Анкетната комисија за скандалот Онкологија. Заклучоците уште не се донесени, но досега пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ не можат да дојдат до заеднички став за евентуална политичка одговорност. На расправата не може да се слушне ниту еден став околу кој мнозинството пратеници се согласуваат и Анкетната комисија се претвора во арена на политички препукувања.

Минатата недела пратеничката Даниела Марковска од СДСМ на Анкетната комисија кажа дека не може да се каже оти екс-министерот за здравство Венко Филипче носи политичка одговорност како што тоа го сугерираа дел од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ меѓу кои најгласен беше Антонио Милошоски.

-Во периодот на Венко Филипче се донесени многу квалитетни лекови и сега тој е виновен и имал некаква цел? Оваа биолошка терапија колеги, спасува животи. Дел од вас се доктори. Многу јасно беше кажано дека на Клиниката за онкологија за првпат биолошката терапија е донесена тогаш, а претходно ја имало само во мали количини. На оваа клиника сме сведоци дека 30 години наназад се работи незаконски. Нашите пациенти одеа во странство за биолошка терапија, даваа многу пари. Филипче направи многу во здравството и донесе квалитетни лекови, рече Маркоска.

Денеска пак, пратеникот Антонио Милошоски рече дека ќе побара Анкетната комисија да заседава уште 30 дена. Тој уште еднаш повтори дека според него екс министерот за здравство носел политичка одговорност за скандалот Онкологија.

-Врз основа на член 285 од Законот за здравствена заштита, министерот за здравство имал обврска да врши надзор над Клиниката за онкологија и не го извршил тој надзор ниту еднаш. Затоа тој носи политичка одговорност бидејќи не ги извршил своите законски обврски и Филипче овозможил скандалот да се случи или барем, да трае подолго. Ако направел надзор ќе се спречел скандалот, рече Милошоски.

Пратеникот Ненад Коциќ од СДСМ пак, посочи дека пратиниците имаат целосен увид во тоа што се случувало врз основа на тоа што е искажано од сведоците на Анкетната комисија.

-Имаме доволно материјали што може да ги искористиме. Го почитуваме мислењето на секој член во Анкетната комисија, но како рамноправни членови ќе дадеме наши заклучоци за кои ќе побараме поддршка од целата Анкетна комисија, рече Коциќ.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот