Симон Трпчески и пријателите ќе ја изведат македонската премиера на „Македонисимо“

Пет години по светската премиера на престижниот музички фестивал во Лудвигсбург, Германија, и освојување на светските музички меридијани со музичкиот материјал изнедрен од плодната македонска почва, нашиот прославен пијанист Симон Трпчески, конечно, ја најави и македонската премиера на интернационалниот музички проект „Македонисимо“.

Музичкиот десерт што македонската публика со нетрпение го очекува, најпрво на 14 септември, од 20 часот, на платото пред Националната опера и балет ќе го „вкуси“ публиката во Скопје. Следните изведби се предвидени за во Штип на 25 септември и во Битола на 26 септември.

Трпчески и пријателите ќе го изведат албумот „Македонисимо“, што во издание на британската етикета „Лин Рекордс“ го обиколи светот – проект во чии рамки на оригинален начин се обработува македонската народна музика од страна на македонскиот композитор Панде Шахов, кој, како што вели Трпчески, „со својот посебен музички јазик ја обои на многу поинаков начин, испреплетувајќи со нашата традиционална музика различни музички стилови“.

Уникатниот тим на квинтетот „Македонисимо“ и на оваа серија концерти, покрај Трпчески, го сочинуваат и Александар Краповски на виолина, Александар Сомов на виолончело, Хидан Мамудов на кларинет, саксофон и на кавал, а зад удиралките е Влатко Нушев.

Сите три изведби публиката ќе може да ги проследи бесплатно. Со оваа домашна турнеја ќе се одбележи и 15-годишнината на Здружението за култура и уметност „КултурОп“, чија основна задача е токму поддршката на нашиот пијанист од светски глас.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 145, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 10-11 септември 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот