Симе барал во притвор сум – Слободен печат
Ви ПрепорачувамеКолумни

Симе барал во притвор сум

Си ги замислив несреќните полицајци кои притискаат на ѕвонченото на семејниот дом на Јанакиевски, а таму ги пречекува неговата сопруга, која збунето им одговара дека Миле е во притвор.

Го знаете оној стар виц, кога грчкиот цариник му вели на нашиот камионџија „ај види
дали сум таму“, а овој кутриов откако ќе отиде до посоченото место му одговара „не бе,
не си“?

Нормално ова е виц, но вистинита е веста за тоа дека притворениот Миле Јанакиевски,
полицијата го барала дома.

Повеќе пати внимателно ја прочитав информацијата во која се вели дека судското
рочиште за случајот „Насилство во Центар“ било одложено, затоа што обвинетиот во
овој предмет Миле Јанакиевски не бил спроведен во судница од затворот во Шутка.

Судот издал наредба Јанакиевски да биде доведен на судење од неговиот дом, каде тој
ја издржуваше мерката куќен притвор, но полицијата не го нашла таму, затоа што од
петокот за Јанакиевски е одреден притвор во затворот во Шутка.

Значи истиот суд кој испрати полиција во домот на Јанакиевски, во петокот го прифати
предлогот на Обвинителството и му одреди 30 дена притвор во Шутка.

Си ги замислив несреќните полицајци кои притискаат на ѕвончето на семејниот дом на
Јанакиевски, а таму ги пречекува неговата сопруга, која збунето им одговара дека Миле
е во притвор.

– Да знаеме дека е во притвор, ние двајцата го спроведовме во петокот, но не пратија да
провериме да не е можеби и дома – вели еден од полицајците.

– Ама кој ве прати да го барате мојот сопруг дома – видно изнервирана г-ѓа Јанакиевска
ги прашува полицајците.

– Па судот – нервозно одговара истиот полицаец.

– Кој суд?

– Па истиот оној што побара да го притвориме Миле.

Потполно излезена од кожа Јанакиевска го земан мобилниот телефон и му врти на
сопругот. Тој не се јавува, но по една минута ѝ стига порака: „Не можам да ти се јавам,
во притвор сум“.

Не знае човек дали да плаче или да се утепа од плачење, кога ќе разбере на кој начин
се одвива правосудната битка против криминалот во државава. Замислете на ваков
начин да функционираше правосудниот систем во Италија, во борбата со „Коза ностра“
или „недопирливите“ на Елиот Нес во битката со сицилијанската мафија во САД.

Доколку системот е неефикасен или како во нашиот случај будалест, тогаш криминалот
и корупцијата не треба да се грижат за својата иднина во оваа „Мики Маус“ република.

Кога веќе го спомнавме Миле, ми текна на вицот, оној за „Ленин во Финска“. Под сликата
изложена во уметничка галерија стои називот „Ленин во Финска“, а на платното во
речиси безобразна прегратка се насликани маж и жена. Посетителите збунето го
прашуваат домаќинот каква врска има сликата со Ленин и со Финска, а тој релаксирано
им објаснува дека на платното е насликана сопругата на Владимир И. Ленин, Надежда
Крупскаја, во друштво на нејзиниот анонимен пријател.

– А каде е Ленин – прашува полицаецот, оној истиот што беше испратен да го бара
притворениот Миле Јанакиевски по дома.

– Па Ленин е во Финска – самозадоволно одговара фрцкавиот куратор на галеријата.

Оваа сага завршува со известувањето на полицијата до судот, дека Јанакиевски не
може да биде спроведен на судење, бидејќи осомничениот не е во домашен притвор
бидејќи истиот суд претходно веќе му назначил мерка притвор. А како доказен
материјал на глас се чита СМС пораката на Миле: „Симе барал, во притвор сум“.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Слободен Печат значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени на сајтот.

Тагови

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Close