Силјановска Давкова му одговори на Пендаровски: Не може да ме види од реките народ долу, кога сум на говорница

Гордана Силјановска Давкова на митингот во Радовиш од говорницата му одговори на Пендаровски кој денеска претходно од Демир Капија нагласи дека противкандидатката Силјановска-Давкова отсуствува од закажани митинзи и средби со граѓани во сопствената кампања за претседател на државата.

-Стево Пендаровски секој ден тврди дека ме немало никаде и дека ме заменил господинот Христијан Мицкоски. Знаете ли зошто не може да ме види? Заради реките народ кога сум долу, а кога сум горе, тука на говорницата, не сака да ме види затоа што не сака да ме слуша оти сè што тој не кажува, јас кажувам, сè што тој не направил, бидете сигурни, дека ќе направам, рече Силјановска Давкова.

– Веројатно забележувате дека мојот противкандидат, господинот Стево Пендаровски, делува како да не е тој туку како да има двојник. Човекот кој што до вчера беше потонат во љубов кон соседите, сега сосема директно почнува од фатална вљубеност, изразена на господинот Бојко Борисов, да употребува говор кој не шири добрососедство, апсолутно не личи на тоа, и тоа е нешто што навистина мене ме плаши. Можете да замислите до што може да доведе тоа? Тоа се вика немање став, тоа се вика немање дигнитет, тоа се вика отсуство на интегритет. Од такви луѓе не можете да очекувате да ги штитат гордоста, односно националните интереси на Македонија, рече Силјановска Давкова.

Заа забележа дека Пендаровски на граѓаните им се заблагодарувал што стоеле зад него и Владата додека носеле тешки одлуки.

-Под тешки одлуки мисли на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, мисли на Преспа, на преговарачката рамка, на Преспанскиот договор? Јас не знам каде ги гледа луѓево? Ако над 70 проценти од граѓаните велат дека тој и тие околу него водат погрешна политика, кому се заблагодарува? Па, зарем не гледа дека луѓето не го одобруваат тоа?, запраша кандидатката за претседател од Коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ.

Силјановска Давкова ги замоли присутните да се потсетат по што го памтат Стево Пендаровски како пратеник во Собранието: „Дали Ве воодушеви со некој став, со некој говор, со некоја порака со некоја одважност? Јас, на прашањето дали може да посочам три одлуки на Пендаровски кои се добри, се стаписав. И мислев, мислев, мислев, што е нешто најважно што сторил и се сетив. Кога рече ,не’ за преговарачката рамка, ама тоа не траеше ни неколку часа, а потоа самиот се сети и се поправи, исплашен дека ќе го искараат, и рече дека тој учествувал во нејзиното создавање. Ако над 65% од граѓаните се против тоа, како тогаш човекот може да биде горд на нешто од што се срамите Вие, ние и сите.”

Пендаровски со порака до Давкова – или си, или не си претседател

Кандидатот за претседател Стево Пендаровски денеска на средба со граѓаните на Демир Капија се осврна на моментот кој веќе е добро познат низ медиумите и во јавноста дека неговата противкандидатка Гордана Силјановска-Давкова отсуствува од закажани митинзи и средби со граѓани во сопствената кампања за претседател на државата.

„Пред ден, два била најавена противкандидатката, дали дошла? Не дошла.Каде што ќе видите дека Стево Пендаровски е најавено да дојде, јас навистина доаѓам, а наместо противкандидатката доаѓаат други. Не одлучува никој за мене, ниту толкува” порача Пендаровски.

Кандидатот за претседател Пендаровски истакна дека таквото бегање од соочување со граѓаните не доликува на некој кој претендира за највисоката функција во државата.

„Ние сме сега влезени во трка формално за највисока функција во државата. Според Устав претседателот на државата е и врховен командант на вооружени сили. Тоа значи нема повисоко од тебе. Кога ти уште во кампања носиш други луѓе да зборуваат наместо тебе, па како утре ќе бидеш претседател? Еве ти даваме власт, ти даваме позиција, тие двајца што дошле да зборат, тие ли ќе бидат претседатели во сенка? А, ти само ќе бидеш кукла или во излог ставен и ќе викаш „јас сум претседател ама што викаат слика има, тон нема.” Не сакам да шпекулирам за мотивите, ама јасно ми е. Тоа е исто како јас да кажам дека имам неколку другари овде и соработници кои се со мене со години и да речам сега „за ова прашање момент тој ќе ти одговори.” Не ја бива таа работа. Или си претседател или не си,” рече Пендаровски пред граѓаните на Демир Капија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот