Што Тајван научи од војната во Украина?

тајванска армија Фото EPA/RITCHIE B. TONGO

Треба да се биде подготвен. Тоа, накратко, е лекцијата што Тајпеј ја научи со проучување и внимателно следење на војната во Украина, поради што, како што велат во нивното Министерство за одбрана, ќе се фокусираат на производство на беспилотни летала. Беспилотните летала играат клучна улога на двете страни на сегашниот конфликт во Украина и, како што неодамна рекоа во Киев, тие се иднината на модерното војување. Може да се каже дека тие се и нов знак за продлабочување на соработката меѓу државите, што може да се заклучи од примерот на Москва и Техеран, кои заеднички ќе градат фабрика за производство на беспилотни летала во Русија кои ќе се користат во војната во Украина. „Волстрит журнал“ пишува дека двете земји ќе изградат многу побрзи беспилотни летала, што ќе предизвика нови проблеми за противвоздушната одбрана на Украина.

Затоа, Тајван, соочен со зголемената закана на Кина дека може да употреби сила за да го стави островот под своја контрола, одлучи да го забрза развојот и производството на беспилотни летала и да го следи примерот на Киев, кој им дава отпор на супериорните руски сили. Во исто време, веројатно е неизбежно да се мисли и на „помош на пријателите“ во оружје и сите други ресурси, како и нови начини на продлабочување на соработката меѓу земјите, што во случајот со Иран и Русија Белата куќа ги нарече „ тотално одбранбено партнерство“.

ФОТО: Тајванска морнарица | EPA-EFE/RITCHIE B. TONGO

Во меѓувреме за подготовките за војна се зборува поотворено откако генералот на Пентагон предвиде дека Кина и САД ќе војуваат за две години. Тогаш, можноста за војна меѓу двете најмоќни земји на планетата ја потврди и претседателот на Комитетот за надворешна политика на американскиот Конгрес. Имаше гласини за конфликтот минатата година, кога Пекинг нареди воени вежби околу Тајван, откако Ненси Пелоси, тогашниот претседател на Претставничкиот дом, дојде во Тајпеј во пријателска посета. Таа и Џозеф Бајден потоа ветија дека ќе му помогнат на Тајван и дури ветија дека „ќе испратат војска да ги брани во случај на кинеска инвазија“.

И тогаш Тајван се соочи со кинески беспилотни летала кои брмчеа околу островите долж брегот. Тогаш немаше ништо повеќе од ѕвечкање со оружје, но сега отворено се предвидува дека Пекинг ќе се обиде да го заземе Тајван во 2024. Таа година е идеално време, бидејќи Вашингтон тогаш ќе биде преокупиран со претседателските избори.

Тајвански хеликоптери
Тајвански хеликоптери / EPA-EFE/RITCHIE B. TONGO

Тоа како што пишува белградска Политика ќе значи, дека ако Америка и Кина се подготвени да водат војна на островот „до последните Тајванци“, како што тоа сега го прават САД и Русија во Украина, мора да бидат подготвени и локалните жители. Затоа, како што рече портпаролот на тајванското Министерство за одбрана, Сун Ли-Фанг, Националниот институт за наука и технологија во сопственост на војската презема водечка улога во развојот на идното оружје, а ќе бидат вклучени и цивилни компании. Тие веќе произведуваат беспилотни летала кои ги исполнуваат меѓународните стандарди, но потребно е да се развијат и усовршат за напади, бидејќи мора да бидат во чекор со светот. Исто така, некои видови оружје што САД веќе му ги продале на Тајван во моментов се користат од страна на Украинците, како што се противбродски и ракети воздух-воздух но и поддршка за програмата за радарски надзор на островото. Но, на Тајван му треба повеќе одбрана за конфронтација со Кина. Затоа тој ги обединува производителите на беспилотни летала за да ја подготват војската и се свртува кон приватниот сектор за да го зајакне синџирот на снабдување со одбрана.

„Фајненшл тајмс“ неодамна напиша дека според планот, за чија реализација се одвоени речиси две милијарди долари во текот на три години, Владата има за цел да вклучи приватни производители на дронови во националниот тим за развој на системи за беспилотни авиони со цел на примање нарачки до јули.

Илустрација – СП. архива

Тензиите растат, а веќе не е тајна дека поради мрачните прогнози, американските компании прават планови за вонредни ситуации, поточно, да го ревидираат своето работење во Тајван за да бидат подготвени за новата „геополитичка клима“. Наводно, откако започнаа воените игри за Тајван минатата година, американските компании почувствуваа потреси во нивниот бизнис, а политичката неизвесност во земјата поради тензиите со Кина ги одвраќа компаниите од понатамошни инвестиции. Островот е де јуре дел од Кина, но де факто под американска контрола, и затоа, кога САД велат дека ќе го бранат Тајван, тоа не е празна закана, туку одбрана на интересите на Америка. Затоа, не е празна приказна дека Тајван сигурно ќе биде подготвен за евентуална кинеска акција на островот да има најголема можна цена за Пекинг.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот