Што прави денеска: Ивана Јовановска, поетеса

Ивана Јовановска поетеса
Ивана Јовановска / Фото: Приватна архива

Ивана Јовановска е поетеса од најмладата генерација книжевници во Скопје, што лани ја објави нејзината прва стихозбирка ,,На ракавот на градот“ во издание на ПНВ Публикации. Таа читала нејзини стихови на голем број поетски читања низ градот, но и Струшките вечери на поезијата. Објавена е во повеќе списанија за книжевност и уметност во земјава.

Освен поезијата, љуби фотографија, сликарство, музика, театар и филм и се инспирира од сите нив додека пишува. Моментално е на додипломски студии на Катедрата за општа и компаративна книжевност, ја создава втората стихозбирка и ужива во процесот.

Фото: Приватна архива

Овојпат, ја прашавме оваа талентирана поетеса за тоа какво е нејзиното секојдневие.

„Секојдневието ми е обид да направам баланс меѓу многуте обврски и задоволство кое подразбира одење на некаков настан од културата, дружба со блиските луѓе или одмор во природа. Не сум ранобудна, иако во последно време почнувам да ја разбирам важноста од тоа да се зграпчи денот, да се искористи енергијата во утрото и фокусот во првите часови кога сум одморена. Сакам тивки утра и појадок по мерка, нутритивно здрав и вкусен, придружен со кафе. Појадокот ми е време за тишина и одредување на суштинските цели на денот. Важно ми е да имам квалитетен сон, за да можам во текот на денот да бидам посветена првенствено на предавањата на факултет, како и на бројните обврски што произлегуваат од студиите. Најголем дел од времето го поминувам читајќи или пишувајќи, па затоа, посветувам посебен дел од денот за вежбање или било каква физичка активност што ми помага да бидам во контакт со себе и со своето тело. Често сакам да работам и надвор од дома, во природа или омилената кафе-книжарница, особено во топли и пријатни денови. Таму се чувствувам како дома, опкружена од драги и проникливи луѓе што го разубавуваат денот.

Фото: Приватна архива

Мерак ми е времето поминато со луѓето што ги сакам, што ме инспирираат и со кои заедно растеме. Активно, додека тече денот правам планови за квалитетни дружби, заеднички патувања или какви било видувања низ градот во кои може да уживаме, да се видиме, да да разговараме. Или да отидеме некаде да танцуваме.

Ивана Јовановска
Фото: Приватна архива

Во текот на неделата, сакам најмалку еден ден да си го посветам целосно на себе и на моите интереси, па сакам да поминам до Музеј на современа уметност и да уживам во спокојот над Скопје што местоположбата го нуди. Да видам некоја убава поставка таму, можеби и да отидам на некоја проекција во кино, па да седнам во некое фраерско место за убаво кафе, скриено во малку фрекфентните делови од градот. Како ноќна птица, обично навечер се занимавам со креативни процеси и ноќта ми е резервирана за уживање во тоа што најмногу ме исполнува – уметноста и нејзината сила. Фокусот, во секоја смисла, ми е да ги планирам деновите на тој начин што ќе се вљубувам во нив. Мислам дека сум на добар пат да го постигнам тоа.“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот