Што научивме оваа недела: Оставка со многу лица

жарко јорданоски
Жарко Јорданоски. / Фото: Слободен печат

Заев се фати во сопствената замка, ги подигна изборите за градоначалник на Скопје на ниво „да се биде или не“, го стави на коцка својот политички капитал („ол ин“, како што велеше) и – го изгуби!

Оваа недела бевме сведоци на еден, за македонски услови, историски момент. Незадоволен од лошиот изборен резултат, обврзан со своето ветување меѓу двата круга на локалните избори, Зоран Заев си поднесе оставка и од партиската и од премиерската функција. Во земја во која луѓето не можеш „со шпакла“ да ги одвоиш од фотелјите, оставка од двете најмоќни функции, не да е преседан, туку се противи на здравиот (македонски) разум! Па, овде сме имале луѓе кои, за да не ја испуштат власта и привилегиите, навртеа разулавена толпа во Собранието ризикувајќи општ масакр! Или беа спремни „мала војна да имаме“ (во Диво Насеље) со истиот мотив.

Во споредба со нив, потегот на Заев е демонстрација на врвна демократичност и одговорност. Да се надеваме дека овој чин ќе постави нов стандард во македонската политика. Некој ќе рече, да даваа оставки вака лесно и неговите најблиски соработници секогаш кога нешто ќе „закашкаа“, или тој брзо да ги прифаќаше, ниту резултатот на изборите ќе беше таков, ниту тој ќе даваше сега оставка. Но, тоа е „друго дваесет“.

Поважни прашања се сега колку оваа оставка беше нужна, колку е корисна и за кого. Точно е дека Заев не мораше ниту да вети ниту да даде оставка поради лошите резултати на локални избори. Тие резултати на никаков начин не го „делегитимираат“ ниту премиерот ниту Владата, и тој можеше да продолжи со својот мандат без проблем. Опозицијата ниту може да скрои ново парламентарно мнозинство ниту може да издејствува предвремени парламентарни избори. Може само да додева во јавноста со такви барања (поточно, блефирања, зашто избори не ѝ одговараат) и тоа ќе беше веќе виден политички фолклор. Владата можеше да си ја продолжи работата каде што запре пред изборите и влакно немаше да ѝ фали.

Но, Заев се фати во сопствената замка, ги подигна изборите за градоначалник на Скопје на ниво „да се биде или не“, го стави на коцка својот политички капитал („ол ин“, како што велеше) и – го изгуби! Дали тоа беше негова тактичка непромисленост, преценување на својот личен или владин рејтинг, или акт на малодушност и резигнираност, ни останува само да нагаѓаме.

Во потрага по „јунак над јунаци“

Како и да е, оставката на Заев навистина е „гејм чејнџ“, на македонската политичка сцена, како што ветуваше и самиот пред вториот круг. Сега сите политички актери се во грч, и во „лер“. Никој не знае што ќе се случува, како, или кога… Најголема неизвесност влева фактот што никој не може да го „види“ потенцијалниот наследник на Заев, или наследници, доколку тие две функции ги заземат во иднина два лика. Коалициските партнери преговараат, се бара вистинската фигура, со невозможна задача да биде по вкус на сите засегнати страни, но и се губи драгоцено време. Истовремено, активирани се сите можни канали за обезбедување „прелетачи“ во сите насоки, за обезбедување ново или зајакнување на старото парламентарно мнозинство. Душите се ставени на продажба.

Да не зборуваме дека во СДСМ, освен време, може да се изгуби и партиското единство, зашто демисијата на Заев може да ги разбуди сите можни заспани „крила“ и лични амбиции. Таму допрва ќе се случуваат земјотреси. Кој и кандидат да се наметне, ќе остане голем дел незадоволници, а тоа е рецепт за натамошни поделби и раздробувања. Партијата е во најкритичен период од своето постоење. Освен што мора во краток рок да „изнедри“ мандатар, а потоа и лидер, доколку успее да конституира влада, ќе мора да ја води државата низ еден од најтешките периоди што ѝ претстојат на земјава, на економски, енергетски, па и на епидемиолошки план. Згора на тоа, ќе мора да се соочи со ѓаволски тешкиот бугарски проблем, со бескрајните европски одлагања и разочарувања, така што големи се шансите до крајот на мандатот, доколку го дочека на власт, СДСМ да остане исцеден како лимон.

Прашање е колку во овие услови, и покрај најдобрата „волја за моќ“, во СДСМ ќе се изнајдат „јунаци“ за оваа невозможна мисија. Не би ме изненадило ако партијата понуди некој мандатар од надвор, само „афилиран“ со СДСМ, а внатре во своите редови да не успее да избере лидер. Да усвои некое преодно или привремено решение, можеби некоја форма на колективно одлучување, па по извесно време да го „бара“ Заев назад, со петиции, потписи и слично…

Порака до Брисел

Она што е поважно е што оставката на Заев предизвика „афтершокови“ во балканската политика. Ја коментираа многу балкански лидери, а ја анализираа сериозни балкански и европски медиуми и аналитичари. Речиси сите посочуваат дека вината за ваквиот неславен крај на политичката кариера на Заев лежи во самата Европска Унија. Македонија направи сè, Унијата за неа ништо, тоа ги разочара гласачите. Земјата дури го смени и името, а не почна ниту преговори со ЕУ. За Вучиќ, Заев е жртва на ЕУ. „Поразот на Заев е пораз на ЕУ“, напиша угледниот „Франкфуртер алгемајне цајтунг“. Хрватскиот „Јутарњи“ е поостар: „Европа изневери многу земји, но Македонија ја уништи“. Весникот забележува дека ЕУ на официјално ниво „скандалозно молчи“ за оставката на Заев.

Оставката на Заев беше повод балканските лидери да го кренат гласот и да си кажат што им лежи на срце, колку се разочарани од пристапот топло-ладно на ЕУ кон проширувањето. Тоа дојде до израз и на последната средба на иницијативата Отворен Балкан, што се одржуваше деновиве во Белград, на која наместо Заев, замина Димитров. Во заедничката изјава од настанот, потпишана од сите учесници, сосема нетипично за такви прилики, оставката на Заев е употребена како повод да се испратат до Брисел важни пораки за расположението на целиот регион. Вреди да се цитира: „Северна Македонија е ‘одличен пример’ за неуспехот на ЕУ да ги исполни своите ветувања. Нејзината влада направи многу за да ги исполни условите на Брисел, само за да се најде изолирана и оставена да се справува со последиците од одлуките на ЕУ. Ослабената перспектива за европска интеграција се заканува да нѐ остави подезинтегрирани од кога било. Ова чувство е споделено во регионот“ – се вели во заедничката изјава.

Други соседи, како Бугарија и Грција, изразија, секоја од свои причини, загриженост од заминувањето на Заев. Грција стравува за иднината на Преспанскиот договор и упати закана со обновено вето во случај на нови компликации, а од Бугарија дојдоа пораки дека проблемот што не можел да се реши со Заев, уште помалку ќе се реши со некоја влада на чело со ВМРО-ДПМНЕ.

Овој аспект – регионален и евроинтеграциски – можеби е најважен во оставката на Заев. Ако се покаже како повод за „гејм чејнџ“ во односот на ЕУ кон проширувањето, тогаш таа оставка може да биде од голема корист за државните интереси на Македонија, но и на земјите од регионот. Тогаш „саможртвата“ на Заев сите ќе нѐ задолжи.

Угледниот аналитичар Флоријан Бибер, коментирајќи ја оставката на Заев, напиша „искрено се надевам дека Заев замина за да се врати“. Ни тоа не е невозможно во политиката. Некогаш работите што ни се многу корисни не ги забележуваме додека ги имаме. Исто како со струјата. Додека ја има, никој не ја забележува; кога ќе ја снема, сите ќе забележат.

Да не велиме и ние, еден ден – „Струја беше Заев“!

(Колумната е објавена во денешниот број на Слободен печат и е напишана пред веста дека ВМРО-ДПМНЕ формирала ново парламентарно мнозинство)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот