Шпан: СЗО да забрза со ревизијата на управувањето со пандемијата

Фото: EPA-EFE/ALEXANDER BECHER

Германскиот министер за здравство Јенс Шпан ја повика Светската здравствена организација (СЗО) да ја забрза својата ревизија на управувањето со пандемијата на новиот коронавирус, што претставува знак дека Европа зазема построг став кон ова тело на ОН.

Германија моментно претседава со ЕУ, а досега имаше заштитнички став кон СЗО, која е под жестоки критики од Вашингтон, кој најави повлекување од организацијата поради отстапки кон Кина. Сега се чини дека Берлин зазема поизразен став.

– Кога станува збор за повторна проценка на работата на СЗО за време на кризата, имав можност да разговарам во вторникот во Париз со директорот Тедрос Аданом Гебрејесус, како и пред две недели во Женева. И во двата разговора јасно го охрабрив да основа независна експертска комисија и да го забрза почетокот на нивната работа, истакна Шпан.

СЗО минатата недела објави дека ќе формира независна комисија за проценка на управувањето со пандемијата и одговорите на владите на коронавирусот.

Гебрејесус истакна дека комисијата во ноември ќе го достави својот прв извештај до министрите за здравство, а конечниот ќе биде подготвен во мај следната година.

Шпан нагласи дека извештајот е важен сега, додека пандемијата сè уште се шири низ светот, бидејќи „веќе можат да се извлечат заклучоци”.

Европските земји сметаат дека ревизијата треба да биде придружена со реструктуирање на организацијата, за што веќе се дискутирало во ОН, како и во Г7.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот