Шекеринска се поклони на прилепскиот споменик за загинатите кај месноста Карпалак: Никогаш нема да ја заборавиме нивната жртва

Делегација од Владата предводена од министерката за одбрана, Радмила Шекеринска денеска на спомен – обележјето во Прилеп положи венец со цвеќе во спомен на десетмината бранители, припадници на Армијата кои во 2001 година го загубија својот живот кај месноста Карпалак на патот Скопје – Тетово.

На спомен – обележјето во Прилеп, како што соопштија од Министерството за одбрана, министерката Шекеринска порачала дека наша должност е да гледаме напред, но да ги одбележуваме и да се сеќаваме на жртвите направени во минатото, особено на оние кои ја направија најголемата жртва кога државата ни беше на чекор до бездна.

– За да имате доблест да гледате во иднината, мора да ги цените, да ги одбележувате и да се сеќавате на жртвите направени во минатото. И денеска затоа сме тука во Прилеп, да се сетиме на десетмината прилепски бранители кои не се веќе со нас. Да го почитуваме нивното дело, да ја цениме и денеска нивната храброст за да покажеме достојна почит кон сите семејства кои ги изгубија своите најмили, рече министерката.

Шекеринска истакна дека во секоја криза, речиси секоја година се покажува дека мирот и безбедноста на татковината и граѓаните се најосновното, најважното што ги води илјадниците наши војници.

– Денеска кога се сеќаваме на жртвата пред дваесет години, мислам дека е редно да оддадеме признание и на жртвата и ризиците со кои што се соочуваат наши стотици војници кои што се сега на територија на цела држава кои што ги прекинаа сите други активности за да се приклучат на заедничката цел да ги заштитат луѓето, да ја заштитат државата, да ги заштитат и материјалните добра. Со храброст во срцата и беспоштедно за својата земја. Оваа борба со огнот кој што ја зафати државата е на некој начин и нивен долг кон своите колеги кои пред дваесет години ги положија и своите животи за истата цел – да обезбедиме мир, да обезбедиме стабилност, да обезбедиме безбедност на сите наши граѓани, порача министерката.

Во Прилеп, дел од владината делегација беа и државниот секретар Драган Николиќ, и советникот за одбрана на премиерот, Драган Василевски. Венец со цвеќе положи и делегација од Министерството за одбрана и Армијата, предводена од началникот на Генералштабот, генералот Васко Ѓурчиновски. Генералот Ѓурчиновски и државниот секретар Николиќ, како дел од здружена делегација положија венци и на спомен плочата кај месноста Карпалак.

Кај Карпалак загинаа бранителите Сашо Китаноски, Нане Наумоски, Бранко Секулоски, Марко Деспотоски, Ердован Шабаноски, Љубе Грујоски, Дарко Вељаноски, Веби Рушитоски, Горан Миноски и Пеце Секулоски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот