Шаќири: Пари добија основците и средношколците кои имаат комплетна документација

Јетон Шаќири - министер за образование / Фото: „Слободен печат“ / Методи Здравев

Средношколците кои имаат комплетна документација имаат добиено финансиска поддршка за два месеци, а останати се околу 20.000 ученици кои треба да се исплатат, вели министерот за образование и наука, Јетон Шаќири за „Слободен печат“.

Неколку родители на основци и средношколци кои се обратија до нашата редакција велат дека немаат добиено ниту потврдна информација дека документацијата е комплетна, ниту се исплатени средства.  Други пак, велат дека средствата веќе се легнати на сметките.

Мајка на основец и средношколец вели дека поднела документација за двете деца, но нема добиено потврдна информација дали им следува финансиска помош. Од училиштето, како што раскажува таа, и појасниле дека сите документи се проверени и оние кои се соодветни и ги исполнуваат условите се испратени до Министерството.

Од друга страна, таа вели дека како корисник на додаток за образование што се исплаќа преку Министерството за труд и социјална политика, никогаш немало проблем во исплатата.

Друг родител на средношколец раскажува дека се пријавиле на првиот повик, но не добиле потврда дека документацијата е уредна, а не се исплатени ниту средствата.

Дел од родителите, пак, раскажуваат дека пред три недели им се исплатени средства за декември.

Министерот изјави дека во моментот работат на решавање на проблемите со несоодветните апликации.

Во текот на декември имаше доставено несоодветни трансакциски сметки. Кога ќе го решиме тоа, нема да има проблем и ќе се исплаќаат средствата, додава тој.

Во однос на исплатата на новите корисници на студентски стипендии, Шаќири вели дека парите се веќе пуштени на сметките на студентите.

Како што претходно соопштија од Министерството за образование и наука, исплатата на финансиската помош за основците и средношколците се одвива етапно, односно како училиштата доставуваат информации за апликанти кои ги исполнуваат условите, така се префрлаат налози за префрлање на средствата.

На првиот повик за финансиска помош за учениците, пријавени се 75 илјади основци и 25 илјади средношколци.

Правото на финансиска поддршка од 1.200 денари за основци, односно 1.800 денари за средношколци е дел од деветтиот пакет антикризни мерки, во вредност од 662 милиони евра кој содржи 26 мерки за социјална сигурност, наменети за поддршка на ранливите категории на граѓани и компании. Со мерките се опфатени 120.000 млади кои ќе добиваат поддршка од новиот пакет антикризни мерки.

За сите оние кои досега не се пријавиле или се одбиени, МОН ќе го објавува повикот секој месец, најдоцна до петтиот ден од месецот и ќе трае седум дена од објавувањето, а исплатата не е ретроактивна.

Сто илјади основци и средношколци ја добиваат паричната помош

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот