Сеќавање на писателот: Немој да спиеш, млад колега!

Благоја Иванов (1931-2022)

За првпат со писателот Благоја Иванов седнавме на иста маса, во хотелот „Неда“, на врвот од селото Галичник. По официјалната програма, читање лични творби на учесниците на „Галичките книжевни средби“, останавме сами во ресторанот. Слаткиот муабет, што го водевме за време на вечерата, не сакавме да го завршиме со раскревањето на масите и превртувањето на ресторантските столови од страна на келнерите. Поетот и преведувач, што седеше со нас на масата, нарача шише црно вино. Писателот се сложи со нарачката. Јас останав на мојата чаша пиво.

Разговорот водеше низ животот на современата македонска литература. Имаше што да се слушне, што да се доживее, од тивкиот познавач на настаните во него. „Немој да спиеш, млад колега! Ова што сега ќе го слушнеш, нема кој да го повтори, најмалку јас“ – ми рече наздравувајќи со чаша црно вино. Разговорот траеше до првите петли, до зората што ја прогонуваше и последната дремка од карпестата планина.

Утредента не го видов во редот на поетите од повеќето генерации, талкачи, по нерамнините на селото и планината. Не го видов до крајот на средбите. Никогаш повеќе не се сретнавме. Деновиве кога слушнав дека починал, се сетив на средбата. Беше во право кога ми рече: „Немој да спиеш, млад колега!“ Имаше живот, многу живот, во она за што зборуваше, напиша Трајче Кацаров во сеќавање на Благоја Иванов.

Благоја Иванов, роден во Скопје на 4 февруари 1931 година, почина на 5 ноември 2022 година, во Скопје. Завршил Филолошки факултет во Скопје. Бил соработник, уредник и главен уредник на Културниот сектор на Радио Скопје и директор на Телевизија Скопје, како и професор на Факултетот за драмски уметности.

Бил уредник на списанието „Млада литература“ и главен и одговорен уредник на списанието „Разгледи“. Член на Македонскиот ПЕН центар. Бил претседател на Друштвото на писателите на Македонија. Член на ДПМ беше од 1958 година. Како писател Благоја Иванов, заедно со Славко Јаневски, Влада Урошевиќ и Димитар Солев, беше континуираниот хроничар на скопските случувања во неговите дела од пред Втората светска војна до нашето време.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 154, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 12-13 ноември 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот