Се штеди на сè, се грее само една соба и пак не стасуваат пари за сметката за струја!

Фото: ,,Слободен печат'' - Драган Митрески

Поради неплатени сметки лани биле исклучени дури 71.839 потрошувачи, дури 15,6 од македонските граѓани не можат да си дозволат автомобил, а дури 71 отсто од домаќинствата во Скопје се греат на шпорети на дрва и може да загреат само една просторија

Во Македонија нема точна евиденција на лицата што се енергетски сиромашни, но процените говорат дека меѓу 25 и 30 отсто од граѓаните не може да си ги платат сметките за струја или, пак, не можат соодветно да си го загреат домот. Не е занемарлив и податокот дека поради неплатени сметки лани биле исклучени дури 71.839 потрошувачи! Не помалку е важна и втората димензија на енергетската сиромаштија – транспортната, според која дури 15, 6 од македонските граѓани не можеле да си дозволат автомобил во 2020 година, што е многу повисоко од европскиот просек од 5,9 отсто. И конечно според истражувањето на УНДП за греењето во Скопје, дури 71 отсто од домаќинствата се греат на шпорети на дрва и може да загреат само една просторија и ова е уште еден доказ дека граѓаните се трудат да ги одржат на ниско ниво нивните трошоци за енергија.

Не постои единствена дефиниција за енергетската сиромаштија не само во светот, туку и кај нас, се согласува и д-р Ана Стојиловска, од Аналитика тинк-тенк, која е авторка на истоимениот Прирачник, кој им за цел да ја стави енергетската сиромаштија на агендата, бидејќи тоа е клучно прашање со кое се соочува нашата држава.

– Лицата во енергетска сиромаштија, односно оние што ги намалуваат трошоците на основни потреби како храна, лекови, или превоз за да ги покријат трошоците за енергија, претпочитаат поголема контрола на монополот во енергетскиот сектор и подобра социјална заштита отколку директна помош во вид на субвенции. Односно, енергетски ранливите лица го поддржуваат развојот на енергетските задруги и можноста на граѓаните да произведуваат енергија, поголема улога на општините и Народниот правобранител во енергетската транзиција, подобра усогласеност меѓу енергетските и социјалните мерки со цел намалување на енергетска сиромаштија, како и полесен пристап на граѓани до средства за финансирање на енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија – објаснува Стојиловска.

Најрелевантна мерка против енергетската сиромаштија во земјава е Програмата за заштита на ранливите потрошувачи за 2023 година, која нуди месечна поддршка од 200, 300, 600 или 800 денари според повеќе параметри и таа функционира врз основа на рефундирање по плаќањето на сметките за струја.

– Но најголемиот дел од ранливите потрошувачи не се информирани за оваа програма и не знаат како да аплицираат, без поддршка од граѓанските организации. Оттука е најбитно овие мерки да се доближат до што повеќе лица, а министерствата за економија и за труд и социјала да ги едуцираат граѓаните – вели Биљана Дуковска, претседателка на Македонската платформа против сиромаштија (МППС).

Маријана Лончар Велкова од Организацијата на потрошувачи вели дека најголемиот дел од поплаките на граѓаните се поради високите сметки за струја, нечитањето на струјомерите, а сè повеќе има поплаки и од ранливите категории граѓани, кои бараат да се воспостават критериуми за доделување субвенции, а не како досега „прв дојден, прв услужен“.

– Граѓаните се жалат дека има злоупотреби при доделувањето на субвенциите, а па неретко додека да разберат дека има јавен повик, тој е веќе завршен – додава Лончар Велкова.

Инаку, енергетската сиромаштија во земјава се појави по крајот на комунизмот, а широко распространетата материјална обесправеност, неефикасниот станбен фонд од приватни големи куќи и преголемата зависност од субвенционирана електрична енергија и огревно дрво што се користат со неефикасни уреди за греење, се нејзините три главни двигатели.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот