Се регулираат криптовалутите и дигиталниот имот, законот помина во првата фаза во Собранието

Биткоин/ Фото: EPA-EFE/SASCHA STEINBACH

Предлог-измените на Законот за спречување перење пари и финансирање на тероризам, во прво читање, со кој првпат во земјава се регулираат виртуелните, односно криптовалутите и дигиталниот имот, денеска помина на седница на собраниската Комисијата за европски прашања.

Пред членовите на Комисијата Предлог – законот за спречување перење пари и финансирање на тероризам, го презентираше заменик министерот за финансии Филип Николовски, кој рече дека причините за измените во законот произлегуваат од потребата за негово усогласување со европското законодавство во областа на борбата против организираниот криминал, и одредбите од Директива 2018/843 за спречување на користење на финансискиот систем за целите на перење пари и финансирање на тероризам од 2018 година. Исто така, додаде Николовски, ревидирани се препораките на ФАТФ и последно дополнети во октомври, 2020 година. Во Предлог-законот се вградени и решенија во насока на надминување на ризиците идентификувани со Националната проценка на ризикот од перење пари и финансирање на тероризам усвоена во 2020 година.

-Со законот првпат започнува регулација на криптосферата, вклучувајќи го аспектот на ризиците од перење пари и финансирање на тероризам, како едни од значајните ризици поврзани со виртуелните, односно криптосредствата имајќи ги предвид нивните карактеристики со кои се овозможува одреден степен на анонимност на учениците во трансакциите, рече Николовски.

Тој вели дека, дефинирајќи ги поимите виртуелни средства, даватели на услуги поврзани со виртуелни средства, паричници за виртуелни средства, криптомати итн. како и утврдувањето на обврски за давателите на услуги поврзани со криптовалутите да преземат мерки и дејствија за спречување на перење пари, финансирање тероризам, утврдување механизми за контрола при потенцијални злоупотреби со виртуелни средства, утврдување на надзорен орган на давателите на услуги поврзани со виртуелни средства од аспектите поврзани со спречување перење пари и финансирање тероризам, ќе ги намали инхерентно високите ризици, односно степенот на ранливост на националниот систем во справувањето со предизвиците кои ги носат виртуелните средства. Со тоа, посочи заменик министерот за финансии, ќе се создаде реална можност за заштита на платниот систем и стопанството во целост како објект на заштита на кривичното дело перење пари и други приноси од казниво дело, а со тоа и целокупниот економско – финансиски систем од ерозија.

-Прашањето со регулирање на оваа сфера е актуелна на глобално ниво, некои држави имаат донесено законски решенија, а со цел да се привлечат инвеститори во виртуелни средства и да се отворат за иноватни технологија врз оносна на која се создадени овие средства, рече Николовски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот