Сè повеќе ќе има пензионери, сè помалку работници

30 години Светска банка во Македонија / Фото „Слободен печат“- Драган Митрески

Емиграцијата драстично го забрзува стареењето и во 2050 година повеќе од 25 отсто од населението ќе биде над 65 години, покажуваат проекциите на Светска банка за нашата земја. Треба да вложуваме во луѓето за да се намалат ефектите од стареењето на населението, рече Антонела Басани, потпретседателка за Европа и Централна Азија во Светска банка

Населението старее, а истовремено има голема миграција. Човечкиот капитал станува сè поограничувачки фактор за економски раст и затоа треба сериозно да се вложува во луѓето. Истовремено, треба да се прават и образовни, здравствени и социјални преструктуирања, како во однос на потребите на пазарот на труд, така и во однос на демографските статистики.

Ова се заклучоците од Конференцијата „Инвестирање во луѓето: Како општеството во Северна Македонија да се прилагоди на стареењето на населението“, која се организираше по повод 30 години партнерство меѓу Македонија и Светска банка.

На Конференцијата беа споделени значајни проекции за стареењето на населението. Според Светска банка, над 25 отсто од македонското население до 2050 година ќе биде над 65 години, а според споменатите проекции од Обединетите нации, секој трет наш сограѓанин ќе биде над таа возраст.

– Од една страна населението старее, а од друга страна има миграција на работоспособното население. Ќе имаме сè повеќе пензионери, а сè помалку работници. Стареењето на населението бара промена на здравствениот систем, затоа што има поинакви барања од повозрасните, а потребни се и други приспособувања на општеството – поентираше професорката Никица Мојсоска Блажески.

Антонела Басани, потпретседателка за Европа и Централна Азија во Светска банка, нагласи дека тоа што овој настан се одржува во Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ е идеална можност да се потсетиме на значењето на образованието, како вложување во човечкиот капитал. Таа потенцираше дека Светска банка имала повеќе проекти во Македонија за зајакнување на капацитетите на младите луѓе.

– Децата родени денеска ќе бидат за 45 проценти помалку продуктивни ако не би добиле целосен пристап до здравството и образованието. Емиграцијата драстично го забрзува стареењето и во 2050 година над 25 отсто од населението ќе биде над 65 години. Треба да вложуваме во луѓето за да се намалат ефектите од стареењето на населението – рече Басани.

Министерот за финансии Фатмир Бесими рече дека меѓу двата пописа, во 2001 и во 2021 година, има намалување на населението за дури 10 проценти. Тој потсети и на Студијата на Обединетите нации, според која во 2019 година 650.000 наши сограѓани живеат во емиграција.

– Ако во 2000 година имало 14 новороденчиња на 1.000 жители, во 2021 година имаме 9 на 1.000 жители. Човечкиот фактор станува сè повеќе лимитирачки фактор во економскиот развој. Поразвиените земји ги отвораат вратите за нашите работници, не само за висококвалификуваните кадри, туку и за нискоквалификуваните – вели Бесими.

Како начини за спречување на одливот на работници, Бесими ги детектираше доброто образование, подобрите можности за инвестирање и отворање работни места кај нас, како и премостување на дупките меѓу понудата и побарувачката на работна сила.

Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска вели дека стареењето и миграцијата од една страна влијае врз продуктивноста, а од друга страна прави притисок врз социјалата. Таа рече дека инвестициите во образованието во рана возраст значат вложувања во идните квалификации на работната сила. Министерката напомена дека е многу важно имањето градинки, затоа што таму каде што ги нема, таму има помала вработеност на жените. Во однос на возрасната популација, министерката напомена дека се фокусирани на помош и нега во домовите, која ја има во 34 општини во државата, и во помали и во поголеми.

Глобалната слика за стареењето на населението ја претстави Нина Фити Неделковска, советник на извршниот директор на Светска банка. Таа рече дека додека земјите со висок доход се соочуваат со стареење на населението, оние со низок доход имаат раст на популацијата.

– Во Италија, на пример, има 56 милиони жители, а според проекциите на Светска банка во 2100 година, таму ќе има 32 милиони жители. Во Нигерија, пак, сега има 213 милиони жители, а прогнозите за 2100 година се дека ќе има 790 милиони – рече Фити Неделковска.

Таа објаснува и дека „одливот на мозоци“ е проблем во сите земји, притоа кај високоприходните земји тој одлив е 4 проценти, кај средноприходните е 10, а кај нископриходните 20 проценти.

Ковачевски: Светска банка со 3 милијарди евра нè поддржува 30 години

Триесет години Светска банка е стратегиски партнер на Северна Македонија и го поддржува развојот и напредокот на нашата држава преку реализирани инвестициски проекти во вредност од близу три милијарди долари во различни области, кои секако директно влијаат врз подобрување на квалитетот на животот на нашите граѓани и економијата, порача премиерот Димитар Ковачевски.
– Тековното портфолио што Светска банка го има во Северна Македонија е вредно повеќе од 400 милиони евра, проекти од кои дел веќе се во фаза на реализација, а кои се во делот на инфраструктурата, зајакнување на конкуренцијата, енергетиката и други области. Ме радува фактот што со новата Рамка за партнерство на Република Северна Македонија со Светска банка за периодот 2024-2028 значително ќе се зголеми финансиската поддршка за нашата држава и ќе биде речиси двојно повисока од досегашната – рече премиерот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот