Фото: Социјални мрежи

Се огласи таткото на Мартин Сипковски, момчето кое се саморазнесе во Белград: „Син ми беше исплашен и разочаран од системот“

Сипковски објаснува дека неговиот син бил „бунтовен, како и многу млади луѓе“, но никогаш не бил насилен и никогаш не би направил нешто што би загрозило туѓ живот.

Дејан Сипковски, таткото на загинатиот 21-годишен Македонец Мартин Сипковски, кој се саморазнесе со експлозив во стан во Белград, се огласи на Фејсбук.

„Мартин имаше само 21 година. Беше студент на Факултетот за менаџмент, манекен и поранешен ракометар на РК Вардар — млад човек со многу енергија, големи соништа и надежи за иднината“, пишува во своето обраќање таткото.

Сипковски објаснува дека неговиот син бил „бунтовен, како и многу млади луѓе“, но никогаш не бил насилен и никогаш не би направил нешто што би загрозило туѓ живот.

„Имаше детски и пубертетски грешки, но никогаш не бил дел од тежок криминал. Една година беше во домашен притвор во Македонија, во рамки на истрага што од самиот почеток беше сомнителна, бидејќи сите докази укажуваа дека тој не бил присутен на местото на настанот“, наведува таткото.

Тој потенцира дека Мартин не бил првообвинет во случајот, туку подоцна бил вклучен во процесот, додека вистинскиот првообвинет „одамна е избеган во Белград и има сериозно криминално досие“.

„Нашето семејство смета дека ваквиот тек на настаните е длабоко неправеден и бараме сериозни одговори — како и зошто Мартин бил вовлечен во нешто со што немал никаква вистинска поврзаност“, истакнува Сипковски.

Според неговото сведочење, Мартин бил исплашен и разочаран од системот, особено по изречената пресуда која, како што наведува семејството, не била оправдана.

„Семејството очекуваше дека со жалбата ќе биде ослободен. Но, пред тоа да се случи, замина во Белград — исплашен, збунет и, како што веруваме, измамен и злоупотребен од луѓе кои ја искористиле неговата доверба и страв“, вели таткото.

Тој додава дека постојат сомнежи оти Мартин бил наведен и наместен, изложен на притисок да побегне во Србија, со лажни ветувања дека ќе може да замине во трета држава.

„Затоа бараме целосна, темелна и објективна истрага — не само од српските, туку и од македонските институции. Вистината мора да се открие до крај“, порачува тој.

Во своето писмо, Сипковски упатува и апел до медиумите:

„Посебно им се обраќам на медиумите и порталите да покажат човечност и професионалност. Зад секој наслов стои едно скршено семејство и млада ќерка од 17 години која ги чита тие текстови. Пишувањето без проверка не само што ја нарушува вистината, туку и ја продлабочува нашата болка“.

На крајот, Дејан Сипковски завршува со порака:

„Нашето семејство останува скршено од болка, но решено да се бори за вистината за Мартин. Тоа му го должиме на него, на неговото име и на неговиот мир“.

Српските медиуми, повикувајќи се на свои информации од српската полиција, објавија дека Сипковски загинал откако неправилно ракувал со бомба, па по грешка ја активирал.

Според нив, таа била набавена за да се изврши убиство на лице поврзано со организиран криминал. Засега овие наводи не се потврдени официјално. Во тек е истрага и размена на информации помеѓу српските и македонските институции. Настанот се случи на 1 октомври.

Инаку, Сипковски бил неправосилно осуден на затоврска казна од седум години за кривично дело „обид за убиство“, за кое таткото пишува и во писмото. Пред судот, докажувал дека нема никаква вина, како и дека исказите од сведоците се лажни и преправани. Во Обвинителството се воделе и други предмети.

ВИДЕО | Силна експлозија во центарот на Белград: На станарите им е забрането да ги напуштаат домовите

ВИДЕО | Силна експлозија во центарот на Белград: На станарите им е забрането да ги напуштаат домовите

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот