Се истражува дали вработени на Онкологија препродавале цитостатици

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Во тек е ревизија на Клиниката за онкологија, која треба да утврди дали се точни наводите кои ги изнесе вработена на клиниката на која се лечат заболени од рак – дека таму постои мрежа од вработени кои организирано препродаваат цитостатици и други лекови.

Медицинската сестра која јавно ги изнесе таквите наводи, Маја Јакимова, денеска по неколку обиди беше примена на средба кај новата директорка на Онкологија и актуелниот организациски директор – ѝ било ветено дека ќе ѝ бидат исплатени сите дополнителни одработени часови, не само на неа, туку на целиот персонал, пишува телевизијата „Алсат“, која го објави случајот.

Министерот за здравство, Беким Сали, побарал од новата в.д. директорка на Клиниката за онкологија, Виолета Клисарова, да ги провери документите за да се дознае каде завршуваат парите во оваа јавна здравствена установа, која е должник-рекордер и е во минус од над 12 милиони евра. Клиниката, според информациите, не плаќала ниту за терапии, ниту за комунални трошоци. Сали конечно и јавно кажа зошто побарал оставка од досегашниот директор, Нино Васев.

„Прогресивно зголемување на долгот на клиниката, ненавремено снабдување со терапија и недавање на можно решение за овој проблем. И ако брзо не реагиравме со оставка на директорот долговите ќе растеа уште попрогресивно“, рече Сали.

Сали смета дека ревидирање на работењето на Онкологија е неопходно, притоа најавувајќи дека во овие активности ќе се вклучат и Министерството за здравство и Државниот санитарен и здравствен инспекторат.

„Доколку се утврди дека имало недостатоци во третманот на пациентите на Онкологија, ќе се вклучат и инспекторите од ДЗСИ. Во овие активности ќе се анализира буџетот на оваа Клиника, и тоа зошто, во изминатиов период, постојано се зголемувал нејзиниот долгот. Клиниката истовремено немала план како да ја обезбеди неопходната онколошка терапија и како да се надмине проблемот што сериозно ги засегал пациентите“, вели Сали.

Сали вели дека се чека ревизијата на директорката, по што ќе одлучи дали и која надлежна институција ќе го продолжи случајот со Онкологија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот