Сања Николовска Најдовски: За да успееш треба да се вложиш, но и да уживаш во процесот

Трчањето во планина за мене е насмевка. Секој ден труди се да бидеш подобар од претходниот, прави го она што го сакаш и уживај во секој момент што ти го дава планината.

Сања Николовска Најдовски е прва жена од Македонија што го изведе предизвикот наречен еверестинг. Го искачи Водно 19 пати последоватено што е еднакво на висината на Монт Еверест. За овој предизвик на Сања ѝ беа потребни 18 часа, 32 минути и 47 секунди, а вкупно искачи 9.000 висински метри.

Што значи предизвикот еверестинг?

– Концептот еверестинг е многу едноставен, одбери која било планина, каде било во светот и комплетирај повторувања од една единствена активност сè додека искачиш 8.848 висински метри, еквивалентна висина како висината на Монт Еверест. Комплетирај го предизвикот со велосипед или со трчање. Потребно е да биде исполнет само еден интересен критериум, дозволени се паузи, но не и спиење во текот на предизвикот, односно потребно е предизвикот да биде завршен во „еден од“.

Сакам предизвици, сакам да видам до каде се границите на мојата издржливост и имам желба да пробам да ги поместам.

Колку време се подготвуваше за овој предизвик?

– Идејата за овој предизвик ја добив лани, по направениот прв еверестинг во трчање во Македонија на Марјан Бонев. Сакам предизвици, сакам да видам до каде се границите на мојата издржливост и имам желба да пробам да ги поместам. Во јануари сфатив дека тоа сакам да го направам оваа година, но по новонастанатата ситуација со коронакризата, малку се оддолжија работите, но на крај сè заврши супер. Подготовките траеја околу пет месеци, иако не беа конкретни подготовки за подвигот, туку општо за планинските трки. Малку беше логистички потешко без жичарницата, но им благодарам на „Про спорт“ за поддршката, ни дадоа велосипед „е-бајк бајсиклс Лево“ (ebike Specialized Bicycles Levo), со кој полесно можеше да се изврши целата логистика и повеќе спуштања од врвот на Водно до средно Водно. Голема благодарност и до сопругот, Виктор Најдовски, кој многу ми помогна логистички и ме „истрпи“ дента, до фамилија Николовски, Здравевски, Зарапчиев и екипата на „Трекс“, без кои ништо од ова немаше да успее. Уживав во денот.

Дали е следната цел врвот на Еверест? Која е разликата во подготовките за Еверест и за предизвикот еверестинг?

– Еверестингот не е ни приближно сличен со искачување на врвот Еверест, освен тоа што се качува вкупната висина на највисокиот врв во светот. Бројот од 8.848 метри е земен симболично како точка која би требало да се надмине и за која е потребна голема количина енергија и издржливост за да се искачи во еден ден. За врвот треба сериозни подготовки од алпинистички вид, сериозно искачени врвови и многу големо искуство. Искрено не се гледам на Еверест, но на некоја пониска планина сигурно. Следна цел е некој нов предизвик, нова планина, ново искуство со кое можам да пораснам како човек, со кое можам да спознаам повеќе за себе и за својата издржливост.

Искрено не се гледам на Еверест, но на некоја пониска планина сигурно.

Која жена за тебе е инспирација?

– Секој човек е инспирација на свој начин во некој дел од животот. Инспирација ми се сите кои имаат истрајност, љубов, страст кон нешто. За да успееш треба да се вложиш, но и да уживаш во процесот. Трчањето во планина за мене е насмевка. Секој ден труди се да бидеш подобар од претходниот, прави го она што го сакаш и уживај во секој момент што ти го дава планината.

Голема благодарност и до сопругот, Виктор Најдовски, кој многу ми помогна логистички и ме „истрпи“ дента, до фамилија Николовски, Здравевски, Зарапчиев и екипата на „Трекс“, без кои ништо од ова немаше да успее. Уживав во денот.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот