Само ветерот и дождот се спасот за Тетово од големото аерозагадување

Фото: Слободен печат

Тетовци овој и минатиот месец дишеле екстремно загаден воздух, со концентрација на ПМ-честички и за неколку пати поголема од дозволените граници.

Деновиве воздухот се расчисти, ветерот и врнежите ги спасија граѓаните, но за кратко – аерозагадувањето викендов пак го надминува прагот.

Фото: Слободен печат

Докторот по општа медицина Беким Исмаили вели дека неговата амбуланта овој период е со зголемен број на пациенти.

Фото: Слободен печат

До 30 % е зголемен бројот на луѓе кои бараат лекарска помош. Се жалат на кашлица, отежнато дишење, токму поради загадениот воздух, вели доктор Исмаили.

„Периодов имаше поголем број на пациенти кои ги посетуваа амбулантите ,а кои се жалеа на кашлица, бидејќи во самиот воздух имаше многу ПМ десет честички и други елементи кои го загадуваат воздухот и тоа е нормално, оти ние преку респираторниот систем ги дишиме тие материи. Имаме и сезонски грип и сето тоа кога ќе се комбинира со самата загаденост на воздухот, нормално дека расте број на пациенти кои ги посетуваат амбулантите. Сетоа тоа многу влијае врз здравјето на пациентите, особено кон ранливите групи, децата и тие кои што се над 60 години, кај кои нормално здравјето е покревко, но не значи дека и другото население не страда“, рече Беким Исмаили лекар по општа медицина.

Фото: Слободен печат

При големо аерозагадување, докторот советува тетовци да не излегуваат од дома, но од друга страна, да поминуваат и дел од времето на чист воздух, бидејќи планината им е на дофат.

„Излетничките места како тетовското Бањиче и Кале ни се на дофат, така што при висока концетрација на штетните честички, препорачливо е да одиме на планина и да ги наполниме белите дробови со кислород“, додава доктор Исмаили.

Бањиче и Кале се на неколки километри од Тетово, а рекреативците таму се реткост .

Но, излетничките места и не се толку посетени во зима, често и токму поради големото загадување.

Планинарскиот водич Тони Јовановски од Тетово секој ден е на Калето. Некој сака да го поминува времето по кафулиња и обложувалници, а мојот избор е планината, која носи здравје, вели тој.

Фото: Слободен печат

2Кога се качувам на Кале, како да сум друг човек. Треба и другите граѓани ова да го практикуваат и да се изнадишат чист воздух, да имаат резерва за долу во градот“, низ смеа ни вели Јовановски.

„Па, јас сум секој ден горе на Кале, долу е магла и смог, но од населбата Колтук нагоре е расчистено. Да им препорачам на тетовци да го искористат времето и да доаѓаат тука, здравјето е горе во планина, не е во градот. Можам да кажам дека тетовци минимално ги користат планините, тројца луѓе ги гледам тука на Калето, тие што одат – одат , тие што не одат – не одат. Јас сум сега слободен и работам во образование и го искористувам времето“, вели Тони Јовановски од Тетово.

На терен и не се гледа многу дека надлежните преземаат конкретни активности за намалување на аерозагадувањето, но од Општина Тетово посочуваат дека продолжуваат во континуитет со своите редовни активности во насока на намалување на загадувањето на воздухот.

Фото: Слободен печат

„Извршена е 21 контрола во субјекти кои вршат дејност пекари. Контролирани беа и 26 субјекти кои вршат дејност производство на мебел ,кои произведуваат ПВЦ и алуминиумски врати и прозорци. Контролирани беа и 25 автосервиси и механичарски работилници, како и вулканизери. Од презентираните извештаи јасно се гледа дека емисиите се во дозволени гранични вредности. Извршени се и инспекциски надзори на критични места каде се пали разновиден отпад на отворено, а посебно на кејот на реката Пена, потпалувачите се констатирани и фотографирани и доставени се барања до МВР за идентификување на сторителите, како би се поднеле соодветни пријави“, изјави Милена Вучевска, портпарол на СВР Тетово.

Од општината додаваат дека е донесен план за подобрување на квалитетот на воздухот во Општина Тетово со краткорочни и долгорочни мерки, кои тековно се спроведуваат.

„Се повикуваат сопствениците и корисниците на камионите да не ги користат доколку немаат регуларно испуштање на издувни гасови.Се повикуваат раководителите на градилиштата пред пуштање на камионите надвор од градилиштето задолжително да организираат миење на гумите заради отстранување на калта и прашината, а при превоз на материјалот од градежен иско, тој да биде затворен со церада.Јавно се известуваат правните лица кои вршат дотур на роба истото да го сторат по 18 часот во текот на денот, освен оние што снабдуваат со леб и непастеризирано млеко (краткотрајно млеко).Се апелира до стопанствениците своите технолошки процеси да ги вршат со крајна претпазливост и да одбегнуваат се што не е нужно, а може да влијае на квалитетот на воздухот во градот, како и да соработуваат со зајакнатиот инспекциски надзор од Инспекторатот на Општина Тетово“, велат од Општина Тетово.

Но, најважните мерки кои можат да го ублажат ааерозагадувањето, засега не се спроведуваат. Насекаде и натаму се градат огромни згради кои ја попречуваат циркулација на воздухот, продолжува сообраќајниот хаос, а хигиената е на многу ниско ниво.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот