Самит во Брисел: ЕУ само ќе ја „препознае“ европската перспектива на Западен Балкан

Во првата верзија од нацрт-заклучоците на Самитот во кои имавме увид Западен Балкан воопшто не беше споменат, но еден ден пред почетокот на состанокот сепак во нив е вметнат еден пасус за регионот.

Со дводневна средба на шефовите на држави и влади на земјите членки на ЕУ во Брисел и официјално завршува шведското претседавање со Унијата, а кормилото на блокот за наредните шест месеци го презема Шпанија.
Како што се најавуваше и очекуваше, главни теми на Самитот се руската агресија врз Украина и континуираната поддршка од Европската Унија за Украина, но и прашањата поврзани со безбедноста и одбраната, миграцијата, економијата и надворешните односи. Прашањето за проширувањето на ЕУ, официјално не е меѓу темите за расправа на средбата.

Во првата верзија од нацрт-заклучоците на Самитот во кои имавме увид Западен Балкан воопшто не беше споменат, но еден ден пред почетокот на состанокот во нив е вметнат еден пасус за регионот.

„Потсетувајќи на Декларацијата на Самитот ЕУ-Западен Балкан во Солун од 21 јуни 2003 година и на претходните заклучоци, особено оние од 23-24 јуни 2022 година, Европскиот совет ја повторува својата целосна и недвосмислена посветеност на перспективата за членство во ЕУ на Западен Балкан и нејзината поддршка за забрзување на пристапниот процес и поврзаните реформи“, пишува во нацрт-заклучоците што треба да бидат усвоени утре.

Висок извор од ЕУ потврди дека од Самитот ќе се испрати порака до Западен Балкан дека останува посветеноста на Унијата и дека, како што вели, „се препознава европската перспектива на Западен Балкан“.

И додека во заклучоците се споменува постојано повторуваната реченица за посветеност на перспективата за членство на Западен Балкан, веќе од утре почнува шпанското претседателство во чии приоритети што пред 10 дена ги објави премиерот Педро Санчез нема ниту збор за Западен Балкан и за проширувањето. Санчез тогаш како приоритети ги наведе реиндустријализацијата на ЕУ, напредокот во однос на еколошката транзиција, социјалната и економска правда и зајакнувањето на европското единство.

Во врска со Украина во нацрт заклучоците се повторува осудата на руската воена агресија врз Украина, се нагласува поддршката на нејзиниот територијален интегритет и суверенитет, како и натамошната силна финансиска, економска, хуманитарна, воена и дипломатска поддршка до кога и да треба.

Од почетокот на, како што ја нарекува Брисел, агресивната војна на Русија против Украина, ЕУ и нејзините земји членки издвоија повеќе од 77 милијарди евра помош за Киев и воведоа серија санкции против Москва. Европскиот совет најостро ја осудува руската депортација и префрлање во Русија и Белорусија на украински деца и други цивили и ги повикува Москва и Минск веднаш да обезбедат нивно безбедно враќање.

Советот бара Белорусија да не дозволува руските вооружени сили да ја користат нејзината територија, а Иран да престане да обезбедува дронови за Русија.

Високо на агендата е прашањето за Косово. Советот ги осудува насилните инциденти на северот на Косово и повикува на итна деескалација на ситуацијата, базирана на клучните елементи што веќе ги објави ЕУ.

Како нареден чекор се бара продолжување на дијалогот со посредство на ЕУ и брзо спроведување на Договорот и неговите анекси. Неуспех во деескалацијата на тензиите ќе има негативни последици.
Според претседателот на Советот на ЕУ Шарл Мишел, за нормализација на ситуацијата со Косово неопходен е глобален пристап, а се најавува и конференција за Косово што би ја организирале ЕУ и САД.

На средбата во Брисел ќе се разговара и за проблемот со миграцијата, а лидерите на Унијата на дводневниот самит ќе се осврнат и на економската ситуација во ЕУ, како и на прашањата поврзани со зајакнување на економската безбедност, индустриската политика, состојбите на единствениот европски пазар и долгорочната конкурентност и продуктивност на Европа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот