Сѐ е според законот околу надзорот на автопатиштата, уверуваат Рустеми и Бочварски

Бехтел и Енка / Фото МИА

Не стивнуваат реакциите во јавноста откако Владата минатата недела потпиша договор со американската фирма „Бехтел и Енка“ за изградба на 110 километри автопатишта низ Македонија, договор вреден 1,3 милијарди евра, како и договор со конзорциумот „ ИРД, Ептиса, Електро солушн и Евро консалтинг“ за надзор над изградбата.

За ЈПДП нема ништо спорно во фактот што дел од фирмите што ќе го вршат надзорот врз изградбата на автопатиштата и лицата вклучени во нив, во други земји, се сомничат за криминал. Пред сѐ фирмата „Ептиса“ и извесен Бранислав Димитријевиќ, за кој во Ерменија се води истрага.

„Постапката за избор на надзорот за изградбата на коридорите 8 и 10д од почеток до крај беше спроведена според Законот за јавни набавки“, ги уверуваа денеска новинарите на брифинг директорот на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП), Ејуп Рустеми и министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски. Тие нагласија дека постапката поминала и на управна контрола, од каде потврдиле дека таа е според законот.

„Не евалуирамe акционери, туку референци на компании кои немаат забрана за работа“, рече Рустеми. Ниту една од компаниите во конзорциумот за надзор, вели тој, немала забрана за работа односно негативна референца.

Ако има негативна референца, самиот електронски Систем за јавни набавки ќе го покаже тоа, велат од ЈПДП и појаснуваат дека со Законот како што се бараат документи за правното лице се бараат и за физичко лице, односно од Централен регистар и од судовите.

Од ИРД, конзорциумот избран за правен и трансакциски советник и надзор, пак, исто така потенцираа дека фирмите во нивниот конзорциум немаат никаква забрана за учество во постапки за јавни набавки.

– Проверуваме дали ги исполнуваат условите што се пропишани со огласот и е утврдено дека ги исполнуваат, посочија од ИРД.

Износот за градење е 1,3 милијарди евра, но сѐ уште не се знае колку ќе чини одделно секоја од четирите автопатски делници. Сега има иницијален проект, па ќе следи основен проект, па проект на изведба со што ќе се знае цената.

Според министерот за транспорт Бочварски, првпат се воведува нова пракса со проектирање и изведба, а клучно е да се затворат коридорите.

Договорот со изведувачот „Бехтел и Енка“ беше потпишан минатата недела во Владата, а Антикорупциската комисија отвори предмет за да се проверат објавите за една од компаниите во конзорциумот избран да го врши надзорот на изградбата на автопатиштата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот