Руски хакери и англиски гаќи

Какви денови, каква недела, ауу… значи возбуда во животот наш изолациско коронашки каква што одамна не сме доживеале! Можеби само кога се собравме за Осми март еден куп женски од разни делови на светот, па се испогушкавме и си дишевме четири-пет саати, па пак се испогушкавме на разделбата (а, тешка бееешеее…), а можеби кога ни го откажаа патувањето за Берлин во април, со месеци однапред посакувано и планирано… или кога ни рекоа дека не сме пожелни во речиси сите земји балкански и европски во мај, или кога и некои од европските земји ни побараа ливче со потврда дека не сме заразни или барем дека ќе се воздржиме од кашлање, кивање и други активности кои би можеле да доведат до ширење на заразата… Ова, последново, во моја иронична интерпретација, зашто и тоа со потврдата за немање ковид-19 е малку лотарија – денес го немаш, ама утре или по 7 до 14 дена може, за несреќа, да си носител или заразен.

За однесувањето на другиот дел на Европа во врска со правилата за британските државјани и дозволите да се припојават… првично ми дојде кажам – предавници, срам да им е, четириесет и кусур години заедно, па малку ли е тоа, ама пак од друга страна и ние со брегзитот го претеравме, а јас како осведочен противник на овој непромислен потег од кој што допрва ќе страдаме, се солидаризирам со Европејците, и покрај тоа што изгледа, настрана ковидот, и тие мака мачат, ама нам душа ќе ни вадат идната година без договор за заминување, оти мангупи се правиме, демек не ни е гајле, можеме сами, ама цврц што можеме.  Тука, допрва циркус ќе гледаме… и ова нема никаква врска со случувањата во мојата главна татковина. Мислам на циркусот.

Возбуда, војводи, мечиња

Петнаесет научници од Универзитетот од Оксфорд, меѓу кои и лауреати на Нобеловата награда, бараат млади, дваесетгодишници, во добра здравствена состојба, уште недостигаше фотографии да побараат (од цело тело!?), да се пријават за да бидат дел од истражувањата/тестирањата за новата… погодувате, вакцина против вирусот ковид-19. Откако маж ми со олеснување констатира дека не ги исполнувам условите (оние што ја следат колумната знаат дека јас се пријавував за одење со вонземјаните, храбро да истражувам нови цивилизации, и така натаму), и по мала семејна дискусија за  дискриминација и вреди ли или не да им пишувам на лауреатите „бела книга, црно писмо“, вниманието ни го хакираа – хакерите.

Советодавен документ, објавен од Британскиот национален кибербезбедносен центар вели дека група руски хакери ја нападнале Оксфордската лабораторија за истражување вакцина против ковид-19. Кампањата е наречена  „АПТ29“ и е насочена против владини, здравствени, дипломатски цели и се стреми да украде вредна интелектуална сопственост, се вели во документот. Документот посочува две руски хакерски групи. Едната под име „Војводи“, а другата  наречена „Удобно мече“.

Тука велат дека „Удобно мече“ била една од двете групи поврзани со руските разузнавачи за кои се верува дека навлегле во внатрешниот систем на Демократскиот национален комитет во пресрет на американските претседателски избори 2016 година, но оваа група првпат се спомнува во врска со кибер-нападите поврзани со пандемијата со коронавирусот.

Британците се  речиси сигурни дека руските хакери сакаат да им го украдат истражувањето за вакцината против ковид-19. Фразата „речиси сигурни“ е типично британско-англиска – сигурни се луѓето сосема, односно 99 отсто, оти ништо во животот не е стопроцентно, но руските хакери, „Војводите“ или „Удобното мече“ или некој трет, ама изгледа „Мечето…“ се обиделе минатата година да влијаат и врз британските избори, официјално изјави британската влада преку министерот за надворешни работи Доминик Рааб. Прво преку интернет-апликацијата Редит, а потоа и преку други апликации и начини на интернет, рече тој. Рааб рече и дека е сосема неприфатливо руските разузнавачки служби  да напаѓаат лаборатории кои се обидуваат да најдат лек против коронавирусот или да развијат вакцина. Очекувано, се огласи портпаролот на Кремљ, Дмитри Пешков, кој  рече дека неговата земја „нема ништо со сето ова“, ама некако не нѐ убеди баш најмногу, особено зашто и тој не делуваше убедено. Ќе следат ли сега „консултации“ во Москва, да ми е да знам…

Хумор

Во меѓувреме, земјата британска во време на пандемија се соочува со растечки број невработени поради неработењето на голем број компании, масовното отпуштање и, засега, неуспехот на владата да изнајде конструктивен начин да ја анимира и заживее економијата. Потегот на канцеларот Риши Сунак, кој обезбеди со месеци огромен број вработени да седат дома на принуден одмор и да земаат 80 отсто од платата беше одличен и да не беше од партијата конзервативна, многумина ќе мислеа дека тој потајно е левичар. Ама… компаниите каде што профитот е „ѕвездата водилка“ ја искористија помошта од владата да отпуштаат голем број работници, да се преструктуираат и на малиот број повторно вработени да им понудат нови договори за истите работни места со исклучително лоши услови и помали плати. Земи или остави… Ова беше дел од критиките на новиот и сѐ подобар лидер на лабуристите сер Киер Стармер, кој сѐ повеќе и сѐ поуспешно го става во тесно премиерот Борис Џонсон во парламентот со неговата поткованост и подготвеност. На последните пратенички прашања неделава, БоЏо, познат по неподготвеност за детали и смисла за хумор, единствено што можеше да му каже на Стармер, кој цело време му велеше дека не знае ништо, дека има повеќе брифови од Калвин Клајн (моден дизајнер и на долна облека), алудирајќи на играта со зборови (бриф на англиски се прецизни инструкции, но и машки гаќи). Можеби ова беше добро за новинарските наслови, ама интересна беше реакцијата на неговите ториевци во парламентот. Никој не се насмеа. Смислата за хумор, очигледно не е замена за упатеност во добра и издржана политика. Изгледа премиерот ќе мора да си ги смени навиките, зашто публиката не може. Оти Стармер  навистина е побрифиран од Џонсон. Можеби, дури, и во секоја смисла на зборот! Ха!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот