Руска компанија ја прекина работата на терминалот за извоз на гориво по нападот од украински беспилотни летала

Илустративна фотографија / СП архива

Руската енергетска компанија „Новатек“ денеска објави дека е принудена да прекине дел од своите операции на огромниот терминал за извоз на гориво во Балтичкото Море поради пожар, наводно предизвикан од напад со украински беспилотни летала.

Гувернерот на Ленинградската област Александар Дрозденко на својот канал Телеграм објави дека на терминалот Уст-Луга нема жртви и дека сите работници се безбедно евакуирани.

Руските новински агенции јавија дека се оштетени две цистерни и една пумпна станица, но дека пожарот е ставен под контрола.

Не се знае колку долго ќе трае прекинот, колку танкери ќе треба да стојат надвор од пристаништето и каков ефект ќе има на меѓународниот енергетски пазар.

Новинската агенција Интерфакс-Украина, повикувајќи се на неименувани извори, наведува дека пожарот е резултат на специјална операција спроведена од украинските безбедносни служби.

Комплексот Уст-Луга, кој се наоѓа во Финскиот залив, на околу 170 километри западно од Санкт Петербург, се користи за испорака на нафта и гас на меѓународните пазари.

„Нафтениот терминал Уст-Луга во Ленинградската област е важен објект за непријателот. Таму се преработува гориво, кое, меѓу другото, се доставува и до руските војници“, изјави украински извор.

„Успешниот напад на таков терминал не само што предизвикува економска штета на непријателот, лишувајќи ги окупаторите од можноста да заработат пари за водење војна во Украина, туку и значително ја комплицираат логистиката за гориво за руската армија“, додаде тој.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот