Русинките летаат до Аргентина за да се породат

Бебе со мајка породување
Илустративна фотографија на бебе со мајка / Фото: Pexels

Стоејќи во редот во породилното одделение на болницата Санаторио Финочието во раздвижениот Буенос Аирес, Русинката Полина Череповицкаја одеднаш го слушна познатиот звук на мајчиниот јазик, пишува „Гардијан“.

„Беше лудо, имаше најмалку осум бремени Русинки кои чекаа пред мене“, рече Череповицкаја, дизајнерка на накит која живеела во Москва.

Череповицкаја, која се породила минатиот декември, е една од проценетите стотици Русинки кои минатата година отпатувале во главниот град на Аргентина за да се породат.

Од почетокот на руската инвазија на Украина, оваа јужноамериканска земја доживеа бум во рускиот породилен туризам – практиката на патување во друга земја со цел жената да се породи за детето да добие државјанство во таа држава.

Иако концептот на породилен туризам не е нов, изолацијата на Москва од западните земји како резултат на војната ја направи Аргентина, каде што Русите се соочуваат со барања за виза, да биде дестинација за семејствата кои сакаат да им дадат на своите деца привилегии за второ државјанство. Повикот за мобилизација од страна на Владимир Путин можеби и дополнително му помогна на трендот.

Мобилизација Русија/ Фото EPA-EFE/YURI KOCHETKOV

Популарен трик и кај други земји

Породилниот туризам е трик кој се користи со години. Покрај тоа што детето може да се стекне со двојно државјанство во земјата каде ќе се роди, постојат и други придобивки, како јавно образование, здравство, спонзорство за родителите во иднина и слично.

Во обид да го обесхрабрат породилниот туризам, Австралија, Франција, Пакистан, Германија, Ирска, Нов Зеланд, Јужна Африка и Обединетото Кралство ги изменија законите за државјанство во различни периоди, главно со давање државјанство по раѓање само ако барем еден родител е државјанин на земјата или легален постојан жител кој живее во земјата неколку години.

Германија никогаш не одобрила безусловно државјанство со право на раѓање, туку традиционално користела jus sanguinis – што значи дека државјанството на детето строго ќе биде исто како и на родителите, така што, откажувајќи се од барањето на барем еден граѓанин родител, Германија ги омекна, наместо да ги заостри, законите за државјанство; сепак, за разлика од нивните деца родени во Германија, родителите кои не се државјани на ЕУ и кои не се швајцарски државјани, родени во странство, обично не можат да имаат двојно државјанство.

Аргентински пасош Фото: Anton Dos Ventos / Alamy / Alamy / Profimedia

Руски бран во Аргентина

Георги Полин, шеф на конзуларното одделение на Руската амбасада во Аргентина, проценува дека меѓу 2.000 и 2.500 Руси се преселиле во Аргентина во 2022 година, од кои, како што рече, многумина биле Русинки кои планирале да се породат во земјата. „Во 2023 година, тој број може да порасне до 10.000“, рече Полин.

„Дознав дека сум бремена веднаш по почетокот на војната во Украина“, се сеќава Череповицкаја. „Како што видовме дека границите почнаа брзо да се затвораат околу нас, знаевме дека треба да најдеме место до кое лесно можеме да патуваме. Аргентинскиот пасош ќе отвори многу врати за моето дете“.

Череповицкаја и нејзиниот сопруг, кои и двајцата ја напуштија Русија набргу по почетокот на војната во Украина, сега планираат да останат во Буенос Аирес и самите да поднесат барање за аргентинско државјанство, процес што е поедноставен бидејќи сега се родители на ќерка од Аргентина.

„Буенос Аирес е баран во моментов; тоа е единствената дестинација со која работиме во моментов“, рече Ева Пекурова, која води агенција која организира патни документи, сместување и престој во болница за бремени Руси кои се породуваат во странство.

На Русите не им е потребна виза за да ја посетат Аргентина, а Пекурова рече дека продолжувањето на стандардниот 90-дневен престој издаден од земјата, како и барањето за дозвола за престој, исто така е прилично едноставно.

Една од основните предности на аргентинскиот пасош, рече Пекурова, е тоа што неговите граѓани можат да патуваат во 171 земја без виза, вклучувајќи ги ЕУ, Британија и Јапонија, додека добивањето долгорочна американска виза „не е многу тешко”.

Самата Пекурова се породила минатата година во Буенос Аирес, а нејзиното „позитивно“ искуство дополнително ја зајакна нејзината желба да понуди патувања во земјата.

„Сите бараат опции за актуелната ситуација во Русија. Додавајќи му на моето дете аргентински пасош, му давам слобода“.

Фото: EPA-EFE/Juan Ignacio Roncoroni

Лесен начин за добивање аргентинско државјанство

Покрај привилегиите на аргентинскиот пасош, таа рече дека руските клиенти го избрале Буенос Аирес поради високиот квалитет на здравствената заштита, и приватна и државна.

Странските родители на бебе родено во Аргентина, исто така, имаат релативно лесен пат до аргентинско државјанство, кое може да се договори за помалку од две години. Русинките кои се преселуваат во Аргентина за да се породат сега плаќаат од 1.000 до 8.000 фунти на брокери како Пекурова, кои нудат услуги кои се движат од договарање преведувачи и помагање со куп документи до организирање фотосесии со новороденото бебе.

Сепак, тешко е да се знае колку точно Русинки специјално заминале во Аргентина за да се породат.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот