Родилката од Битола Викторија Крстеска чие бебе почина, поминува низ пекол: Лекари, кажете што е тоа што не го издржа моето бебе?

Викторија Крстеска / Фото Слободен печат

Помина еден пеколен месец за младата Викторија Крстеска, чие новороденче почина во болницата во Битола. „Слободен печат“ разговараше со Крстеска за институционалниот молк кој ја прави уште потешка нејзината трагедија која ја доживеа на само 24-годишна возраст.

Нејзините сомнежи се неизбежни – вели дека како и многу други случаи и нејзиниот случај се заташкува. Крстеска алармира дека мора да се истражува дали некој погрешил и придонел за смртните последици на нејзиното бебе.

-Помина еден месец а институциите молчат. Нема ниту извештај ниту обдукција. Како и многу случаи, така и овој сакате да го заташкате? Можеби ќе се обидете, но јас сум тука да ве потсетам и да се сепнувате од грижата на совест секогаш кога ќе ме видите, па со изнудување на прегратка да се обидете да се „исперете“, небаре чисто човечки. Почитуваниот министер за здравство ветуваше и пред медиумите дека извештајот од комисијата ќе биде објавен до четврток, но не знам кој четврток. Ако не овој, можеби другиот? Неговиот заменик утредента рече дека извештајот е објавен, а потоа дека ќе биде објавен. Кога? Зошто јас како мајка, како најоштетена во случајот да не го добијам извештајот?, прашува таа.

Крстеска е психолошки скршена. Нејзините трауми и шокови состојби вели дека со зборови тешко се опишуваат – наместо да се радува на своето бебе кое го очекувала после регуларна и контролирана бременост, таа ја доби најлошата вест. По излегувањето од битолската болница со недели не го добиваше ниту своето отпусно писмо. Кога најпосле по јавна реакција болницата го издаде нејзиното отпусно писмо, за Крстеска следуваше нов шок. Таа вели дека во отпусното писмо се наведени лаги.

-Останав запрепастена кога прочитав дека дома сум пуштена во добра општа состојба, а јас до ден денешен крварејќи и со болки се влечкам по ходниците на тоа проклето одделение за гинекологија. Можеби тоа е дефиниција за добра општа здравствена состојба. Тоа што не можам да седнам, ниту да легнам. Отпусното писмо го земав со тешки маки, зашто едниот што ме пораѓаше отишол на одмор од важно значење, а другиот претходно избега на одмор и не знаеше што и како се случило. Но, тој доктор од својата позиција не бега, иако на огласна табла пишува дека е распределен. Замислете до каде им оди гордоста и егото, ги бркаат и не си одат, раскажува таа за „Слободен печат“.

За родилката Крстеска е невидено тоа што на нејзиното отпусно писмо и двајцата лекари биле потпишани со ист потпис.

-Двајцата доктори се со различно име и презиме, ама со ист потпис. Можеби ќе речат дека тоа им е пракса и дека додека едниот е на одмор, другиот потпишува за двајцата. И за тоа ќе има оправдување како за се друго. Страшни работи се случуваат во оваа болница. И да немаат соодветно образование, со наместени партиски вработувања битно е знамето да го вееле на митинг и ќе се вработат. Жална слика, вели Крстеска.

Таа е фрапирана што повеќе од еден месец, од кобниот 9 април годинава когa го загуби новороденчето, сето она на кое наидува е громогласен молк. Обраќајќи им се на лекарите од битолската болница таа прашува зошто ниеден од нив не објаснил што се случи со нејзиното породување.

-Зошто никој од вас не ми објасни што се случи кобниот ден, туку само ми соопштивте дека бебето не издржа? Што не издржа? Насилните удари во стомакот? Не издржа што со меконијална плодова вода не сакавте да ми направите царски рез? И тоа не сакавте, зашто имате инает кон докторот што ми ја водеше бременоста, зашто тој ме пушти сабајлето и не ме породи. Тоа се грешки. На едниот не му се работело, другиот се правеше дека не знае за мене ништо ни за бебето, зашто немало заведено во историјата, а јас бев свесна и можеше да ме праша. Третиот телефонот да не му избега си се смееше додека врискав и ги молев за царски рез, се присеќава Крстеска.

Таа е незадоволна од како што вели „немањето совест на ниеден бел мантил да каже каде е грешката“, туку постојано сведочела меѓусебни оградувања и напаѓања меѓу лекарите. Повторно прашува што се случи со нејзиното бебе и зошто тоа почина, кога во текот на целата бременост правела редовни контролни прегледи на кои ништо не упатувало на компликација. Бременоста се до крајот ѝ била лесна и без проблеми.

-Еден од вас да имаше совест и да кажеше каде е грешката. А не меѓусебно да се напаѓате. Ве молам, тоа е за деца. Повторно ќе го поставам прашањето што се случи со мене и со моето бебе? Откако останав бремена и со нетрпение го очекував раѓањето на моето бебе редовно правев контроли. Си го замислував животот со него. Напоменувам дека контроли редовно правев од првиот момент кога дознав дека сум бремена, па се до скринингот кога првпат го слушнав неговото срценце па се до последниот момент. И се беше во ред! Редовно правев контроли кај матичен гинеколог како и во болницата кај докторот што ми ја водеше бременоста. Секој преглед беше уреден, секој брис беше чист, сите параметри беа во ред. На ниту еден преглед никогаш немаше било каков сомнеж за компликација. Јас дури не ни знаев дека сум бремена, немав никаква мака и сите ми се чудеа како во последните месеци сум во толку одлична состојба. Што се случи? Можеби ова е прашањето на кое никогаш нема да добијам одговор, вели Крстеска.

Бебето на Крстеска почина по породувањето. Тогашниот директор на болницата доктор Александар Обедниковски си даде оставка од морални причини. Државниот здравствен и санитарен инспекторат изврши вонреден инспекциски надзор со кој утврдени беа недостатоци при третманот на родилката. Најавени беа прекршочни и парични санкции за еден гинеколог, болницата и директорот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот