Роамингот за граѓаните од балканските земји кои патуваат во ЕУ е помал за 99 отсто

мобилен телефон
Мобилни телефони / Фото: Unsplash

Употребата на еден гигабајт податоци во земјите на Европската унија повеќе нема да резултира со вртоглава сметка од кои ќе ве боли главата; наместо тоа, нема да надмине 17 евра со вклучен ДДВ, рече Брегу

Генералниот секретар на Советот за регионална соработка (СРС) Мајлинда Брегу потврди дека на првиот ден од октомври паднале цените за роаминг за граѓаните од балканските земји кои патуваат во една од земјите членки на Европската унија, објави Ал Џезира Балканс, пренесува Тајм.рс.

„Застрашувачките трошоци за роаминг што ги придружуваа прекуграничните патувања служеа како остар потсетник дека дури и во нашиот хипер-поврзан свет, границите сè уште се важни. Но, на Самитот „ЕУ – Западен Балкан“, кој се одржа во Тирана на 6 декември 2022 година, беше постигнат значаен договор што ќе ја промени оваа парадигма“, рече Брегу.

Таа потсети дека во тоа време 38 телекомуникациски оператори од Европската унија и од Западен Балкан „ја ставија на хартија историската Декларација за роаминг, која го отвори патот за значително намалување на надоместоците за услугите за пренос на податоци во роаминг“, пренесува Фена.

„Да земеме, на пример, државјанин на Босна и Херцеговина, корисник на еден од операторите од таа земја, кој патува во Хрватска. Претходно, доколку не сте купиле еден од пакетите, цената на пренос на податоци за само еден мегабајт, колку што е тежината на фотографија или документ со среден квалитет, изнесувала неверојатни 2,09 евра. Тоа значи дека испраќањето на едно видео со среден квалитет од 1 ГБ би чинело 2.090 евра. Или, ако сте во Грција, би изнесувала повеќе од 9.000 евра. Но сега, по намалувањето на цената, таа ќе изнесува само 0,017 евра за мегабајт, што претставува намалување за повеќе од 99 отсто“, објасни Брегу.

Таа додаде дека „употребата на еден гигабајт податоци во земјите на Европската унија повеќе нема да резултира со вртоглава сметка од кои ќе ве боли главата; наместо тоа, нема да надмине 17 евра со вклучен ДДВ“. Ова не е промена која се однесува само на Хрватска, туку на сите земји од Европската унија, како и на Швајцарија, Турција и Велика Британија.

„Ова е вистинска промена и за граѓаните од овој регион и за нашите најблиски кои живеат во земјите на Европската унија. Тоа им дава моќ и на граѓаните на Европската унија и на граѓаните на Западен Балкан да ги премостат растојанијата и претставува суштинска промена во начинот на поврзување со Европа“, рече Брегу.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот