Рецепт за ручек од Стефанија Несторовска: Пица од хелда со интересен вкус

Фото: Приватна архива

Едно од најомилените јадења е пицата, a познато е дека тајната на овој италијански специјалитет е во доброто тесто. Толку е едноставно што, всушност, не може да биде покомплицирано.

За сите љубители на пица, за сите оние што сакаат да пробуваат нови комбинации, како и за оние што се нетолерантни на глутен, пицата од брашно од хелда е вистинскиот избор. Брашното од хелда нутритивно ќе го збогати тестото, а вкусот ќе биде поинтересен. Ако сè уште не сте ја вклучиле хелдата во вашата исхрана, сега е вистинското време.

Рецептот на инвентивната Стефанија Несторовска, која стои зад инстаграм-профилот и блогот snestorovska.com, може да биде одличен почеток за ова, бидејќи хелдата нема да преовладува со вкусот, а сепак, ќе придонесе за подобро и повкусно тесто.

Фото: Приватна архива

Состојки:

– 300 г (2+1/2 шолји) брашно од хелда
– 1 пакетче прашок за печиво
– 2 лажички сол
– 1 лажичка ориганo
– 1 лажичка ким
– 40 г (¼ шолја) чија семе
– 240 мл (1 шолја) вода
– 160 мл (2/3 шолја) вода (одделно)
– 60 мл (1/4 шолја) маслиново масло (или масло по желба)

Топинзи:

– доматно пире
– говедска пршута
– печурки
– рукола
– сусам
* слободно може да си ги адаптирате топинзите и да си додадете нешто по желба.

Фото: Приватна архива

Начин на подготовка:

Во мал длабок сад се мешаат чија семето и 240 мл вода и се остава настрана, околу 15-ина минути, сѐ додека не се претвори во гел текстура. Ова ќе ни биде замена за јајца во понатамошниот рецепт.

Се загрева рерната на 180 степени и се поставува хартија за печење на тава за печење.

Во голем длабок сад се додаваат брашното, солта, ориганото, кимот и прашокот за печиво. Се промешува. На истата смеса се додаваат и остатокот (160 мл) вода, маслиновото масло и чија јајцето.

Се промешува сѐ убаво сѐ додека не се соедини. Смесата треба да биде доста густа и малку леплива.

Добиената смеса се формира во голема топка и се дели на три еднакви делчиња. Се додава едно топче на тавата за печење и се растегнува тестото, за да добие форма на пица. Зошто смесата е доста леплива, најубаво ова да го правите со намрсени раце или, пак, со шпатула претходно натопена во масло.

Ако немате место на тавата, печете засебно.

Се пече 20 минути. Се вади од рерната, се додаваат сите топинзи и повторно се враќа на печење уште дополнителни 5-8 минути.

Пицата е најубаво да се јаде додека е топла, меѓутоа може да ја чувате и во ладилник неколку денови. Пред консумирање, само стоплете ја малку во рерна и ќе биде повторно вкусна.
Може и тестото да го замрзнете во замрзнувач и да стои 1-2 месеца. Само, претходно оставете да се одмрзне неколку часови и печете исто според инструкциите погоре.

Забелешки и совети:

→ Брашно од хелда може да си направите и сами со зрно од хелда. Доволно е да го измелете во блендер сѐ додека не добиете брашнеста текстура и потоа мерете според насоките во рецептот.
→ Од овој рецепт ми излегоа 3 мали пици. Со истата смеса може да направите и две поголеми пици или повеќе малечки (пита) лепчиња.
→ Чија можете да ја замените со 1-2 јајца. Сум пробала и така, само јас лично преферирам кога е со чија. На овој начин, дава малку поубава текстура.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот