Ребалансот на Буџетот на пленарна седница

Собраниска седница / Фото: Слободен Печат - Драган Митрески

Во Собранието на Северна Македонија денеска на пленарна седница треба да биде разгледан Дополнетиот ребаланс на Буџетот. Седницата е закажана во 11 часот, а ребалансот е единствената точка на дневен ред.

Согласно собранискиот Деловник, расправата по ребалансот на пленарна седница трае најмногу пет работни дена.

Во изминатиот период, ребалансот на Буџетот беше разгледан на собраниската Комисија за финансирање и буџет, каде се одвиваше и амандманската расправа.

Во Дополнетиот ребаланс на Буџетот се вградени амандмани со кои се обезбедуваат дополнителни 25 милиони денари за здравството, животната средина и инфраструктурата.

Вкупните приходи се планирани на ниво од 245,8 милијарди денари и се за 6,9 милијарди денари повисоки во однос на иницијалните проекции на Буџетот или 2,9  проценти. Вкупните расходи се планирани на ниво од 288,5 милијарди денари или повисоко за 5,9 проценти, односно за околу 16 милијарди денари повеќе во однос на иницијалните проекции со планот за 2022 година. Дефицитот е планиран на ниво од 42,7 милијарди денари, односно 5,3 проценти од БДП.

Со ребалансот се обезбедуваат 19 милијарди денари повеќе во ставки коишто се однесуваат на имплементирање на економските мерки за поддршка на граѓаните и економијата. Меѓу нив се дополнителна финансиска поддршка од 4,7 милијарди денари за заштита на стандардот на граѓаните и ликвидноста на компаниите, 3,2 милијарди денари за поддршка на земјоделскиот сектор, 2,4 милијарди денари за гарантиран минимален приход, повеќе средства за предвидениот раст на пензиите, за платите во образование и детска заштита, како и за поддршка на компаниите за субвенционирање на придонесите за минималната плата.

Капиталните расходи се планирани на ниво од 32,1 милијарди денари, при што се планирани инвестиции во реконструкции и модернизациии со опрема кај јавните здравствени установи, капитални инвестиции во областа на образованието, детската и социјалната заштита, во областа на патната, железничката и комуналната инфраструктура, исполнување на договорите во областа на одбраната и безбедноста, како и зголемен износ на средства за рурален развој, односно хидро системи, водоснабдителни и канализациони системи, останата водостопанска инфраструктура.

Економскиот раст е проектиран на 3,2 проценти придвижен од домашната потрошувачка, која се очекува да забележи раст од 3,3 проценти. Бруто-инвестициите се очекува да имаат раст од 5 проценти, при што покрај капиталните буџетски расходи, соодветен придонес се очекува и од приватните инвестиции.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот